Осудените за „Диво Насеље“ здивеа во судница
Две години по првостепената пресуда, над триесет осудени за крвавиот судир во Куманово, вчера повторно беа спроведени во истата судница, во големата свечена сала во Врховниот суд, единствена која ги собира сите обвинети, нивните адвокати, роднините и новинарите. Судењето беше закажано за 9:30 часот, но почна со еден час задоцнување. Со огромно полициско обезбедување, полицајци, специјални единици и хеликоптери, најпрвин беа спроведени обвинетите од затворот во Шутка и од „Идризово“. Еден час полицијата ги проверуваше чантите и буквално сите предмети што ги носеа адвокатите, новинарите и роднините пред да влезат.
На еден од новинарите дури и му беше расклопена инсулинската пумпа, само за да се испочитуваат безбедносните процедури. Кога камерите влегоа да снимаат, еден од обвинетите од кумановската група стана и побара една минута молк за сите загинати во Диво Насеље. Сакаа да прочитаат заедничка изјава на албански јазик која ја напишале, но судот ги предупреди дека ова не е судење, туку јавна седница. Групата осудени се разгневи и почна да вика и да пцуе на албански кон судијката и преведувачката.
„Четири години чекаме да зборуваме. Не сакаме адвокатите да зборуваат за нас. Не го признаваме овој суд и сакаме меѓународна истрага, не сме задоволни од адвокатите, една година сме немале комуникација. Зборувај албански, ти си дојденец, ние сме автохтони. Ова е Албанија“, ѝ рече Генц Сефај на судијката Цветанка Периќ.
Јавноста наместо да ги слушне нивните жалби на првостепената пресуда, ја слушна нивната порака дека не го признаваат и судот и дека ова е „голема Албанија“.
Неколкумина од осудените не дојдоа на седницата, а останатите побараа да излезат надвор од судницата и да бидат вратени во затворот. Претседателката на судечкиот совет, Цветанка Периќ, не можеше да ги запре гневните викотници и барања на осудените. Им објасни дека оваа седница се одржува на нивно барање и тие не се обврзани да присуствуваат на неа. Сите се наредија еден зад друг и чекаа да ја напуштат судницата. Во заедничката изјава која не успеаја да ја прочитаат, а која стигна до новинарите, бараат од премиерот Зоран Заев да ги изнесе доказите дека овој случај е политички монтиран, дека бил замка подготвена од власта на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ.
Групата тврди дека пред четири години дошле во Македонија за да се борат против монтираните случаи против Албанците. „Тој ден полициските единици дојдоа за да нè убијат на спиење бидејќи тоа беше планот што го изработија Груевски и Ахмети, а акцијата ја именуваа како ‘Елиминација на воените кучиња’. За наша среќа, нивниот план не успеа“, се вели во изјавата.
Осудените тврдат дека Ахмети и Артан Груби ги излажале и ги натерале да се предаде со посредство на ОБСЕ. Потоа биле уапсени, а во изјавата се вели дека водачите на групата, Бег Ризај и Мирсад Ндрецај, биле егзекутирани откако се предале. Тие бараат како сведоци во судот да се повикаат поранешни и сегашни функционери од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ: Никола Груевски, Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска, Митко Чавков, Стојанче Ангелов, Ѓорге Иванов, Али Ахмети, Муса Џафери и други функционери и да се објави видеоснимката од камерите на специјалните единици каде што се гледа борбата на македонските полицајци со вооружената група.
Откако осудените ја напуштија судницата, апелациските судии одлучија јавната седница на која останаа само тројца обвинети и адвокатите да се одржи. Судијката Периќ, читајќи дел од наводите на обвинението и првостепената пресуда, рече дека обвинетите создале група која требало да врши терористички напади во Македонија, а чии членови, освен обвинетите на кои им се суди, биле и оние што загинаа во нападите во Куманово. Секој член на групата имал своја задача, на располагање имале финансиски средства за набавка на оружје и муниција, а го користеле и оружјето од полициската станица во Гошинце. Групата имала задача да собира информации за движењето на полицајците. Дел од обвинетите во април 2015 година, според обвинението, направиле план и маскирани нелегално влегле во Македонија, а на 9 и 10 мај ги извршија терористичките напади во кумановската Диво Насеље по што беа уапсени.
Апелацискиот суд ќе треба да одлучи дали ќе ги прифати жалбите на обвинетите, односно дали ќе ги преиначи пресудите, ќе ги потврди или ќе ги укине и ќе го врати предметот на почеток. За настаните се осудени над 30 лица, а осуммина на доживотен затвор.
Новата власт пред две години најавуваше дека ќе бара меѓународна истрага за овој случај и дека вистината може да се расветли и со прислушуваните разговори кои беа предадени во Специјалното јавно обвинителство. Но досега нема ниту меѓународна истрага ниту „бомби“. Јанкулоска и Мијалков си поднесоа оставки по крвавиот чин, но не се докажа вмешаноста на поранешната власт во пресметката која се случи за време на објавувањето на „бомбите“, кои беа повод за промена на власта во Македонија.
Фросина Факова- Серафиновиќ