Осудениот за ќебапите примал пари од Шведска и имал бугарски пасош


Велешанецот Петре Караманов, кој беше осуден на три години затвор за кражбата на ќебапи во Велес, освен македонско имал и бугарско државјанство, а како што објави „Независен весник“, иако сите го спомнуваат во Македонија, речиси две години е во бегство и по него е распишана меѓунардона потерница.

Според информациите што може да се најдат во јавно објавената пресуда за кривичното дело кое го привлече вниманието на медиумите, Караманов има завршено средно образование, а во минатото привремено работел во Шведска како електроинсталатер и имал месечни примања од 6.700 круни, односно речиси 650 евра.

Пресудата за тешка кражба е изречена на 22 јануари 2015 година, додека Караманов бил во притвор за друго кривично дело во затворот во Шутка. Краманов провалил во кафаната Ајхан Ајс што се наоѓа на автобуската станица во Велес и притоа украл лозова ракија, узо, мастика, коњак, пиво, 150 ќебапчиња, 20 плескавици, сувомеснати производи, краставици, патлиџани и направил штета од вкупно 5.635 денари. При изрекувањето на пресудата Караманов признал вина и не поднел ниту жалба на пресудата.

Судијката Габриела Гајдова, која му ја изрече пресудата за делото за кое е предвидена затворска казна од три до пет години, му ја одредила најблагата казна, во согласност со Правилникот за начинот на одмерувањето на казните. Сепак не можела да не земе предвид дека Караманов бил прекршочно казнуван, казнет како малолетник и дури девет пати осуден на затворска казна, претежно за разбојништва и кражби. Во затворот во Шутка, Караманов бил во притвор за разбојништва во 2002 и 2014 година, додека во 2010 година пет месеци бил во затвор за кражба на моторно возило.

Олеснителна околност му било тоа што признал вина и оштетениот не барал штета. Целта на казната била Караманов во иднина да не врши вакви или слични кривични дела. Сепак целта очигледно не се постигнала, бидејќи на првиот слободен викенд што му следувал, на 4 април 2017 година, Караманов избегал.

Во затворот во „Идризово“ последен пат влегол на 2 декември 2014 година и требало да издржува затворска казна од шест години и еден месец, односно не само за кражбата на ќебапи, туку за две дела, разбојништво и тешка кражба.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека Караманов се бара со меѓународна потерница, но засега нема ни трага, ни глас од него. Во Идризово требало да одлежи уште две години затвор.

Директорот на затворот „Идризово“, Боби Мојсоски за „Независен весник“ вели дека на секој затвореник според Законот за извршување на санкции му следуваат некои погодноси. По една третина издржување на казната затворениците имаат право на викенд, може да бидат работно ангажирани, а по закон за работни односи, ако затвореникот е шест месеци работно ангажиран во ресоцијализацијата може да користи и 20 дена годишен одмор. „Според законот се смета дека почнува да се ресоцијализира и треба да се спрема за враќање во нормалниот живот, да биде подготвен“, вели Мојсоски.

Кога некој од затворениците нема да се врати од викенд затворот веднаш го известува Министерството за внатрешни работи и распишува потерница. Потерница се распишува во рок од 24 часа, а ако е специфичен случај потерницата се распишува веднаш.

Иако пуштањето на викенд за затворската управа е ризик, сепак Мојсоски вели дека тие мора, според законот да им ги овозможат сите погодности кои им следуваат на затворениците.

Пресудата за ќебапите стана стана синоним што дури и правосудните власти го користеа за да покажат дека правдата не е еднаква за сите. Но неговото бегство и бегството на клучните сведоци за прислушувањето и бегството на поранешниот премиер Никола Груевски докажа дека во Македонија лесно се бега од правдата.

Фросина Факова – Серафиновиќ