Осудени каталонски политичари ќе отслужуваат затворска казна само ноќе


Шпанија – Деветмина заговорници за независност на Каталонија, осудени поради забранетиот референдум за отцепување од Шпанија, ќе престојуваат в затвор само ноќе, додека преку ден и за време на викенди ќе бидат слободни, соопшти регионалната Влада во Барселона.

Официјалните претставници, меѓу кои и поранешниот потпретседател на каталонската влада Ориол Жункерас, се осудени минатата година на затворски казни од девет до 13 години, бидејќи во 2017 година организираа референдум за независност на Каталонија.

Трите затвори, во кои престојуваат овие политичари, и предложиле на каталонската Влада ублажување на условите и полуслободен режим на издржување на казната. Владата, која заговара независност и ги поддржува осудените затвореници, го прифати предлогот.

Затворениците утрово ќе можат да ги напуштат затворите, каде ќе се вратат в понеделник навечер за да преноќат. Тие в затвор всушност ќе престојуваат четири ноќи неделно од понеделник до четврток.

Шпанското државно обвинителство може да се жали до судот на таквата одлука, а доколку се одлучи на таков чекор, последниот збор ќе го има Врховниот суд.

Осудените каталонски политичари веќе три месеци имаат флексибилен затворски режим. Можат да излегуваат во текот на неделата, да одат на работа шест часа дневно или да извршуваат волонтерска работа.

Иако не смеат да извршуваат јавна должност, доколку Врховниот суд не одлучи поинаку, би можеле да учествуваат и во изборната кампања за регионалните избори во Каталонија оваа есен или зима.