Осудената екс-премиерка на Тајланд доби српско државјанство


Поранешната премиерка на Тајланд, Јинглук Шинаватра, која е осудена поради корупција, доби српско државјанство со одлука на Владата во Белград, пишува денеска весникот Неделник.

Одлуката, донесена на 27 јуни за упис на Шинаватра во државјанство на Србија, ја потпишала премиерката Ана Брнабиќ врз основа на членот 19, став 1 и 3 од Законот за државјанство.

Во став 1 се наведува дека во државјанство на Србија може да биде примен и странец, доколку е во интерес за Србија, а третиот став прецизира дека за приемот одлучува Владата.

– Не е познато каков интерес за Србија претставува доделувањето државјанство за Шинаватра, жена кога тајландските власти ја бараат преку Интерпол, пишува Неделник.

Шинаватра во 2017 година побегна од Тајланд, непосредно пред изрекување на пресудата во процесот кој се води поради корупција во програмата за субвенционирање одгледување ориз. Таа е осудена во отсуство на пет години затвор.

Весникот потсетува дека нејзиниот брат и поранешен премиер на Тајланд, Таксин Шинаватра, кој во 2006 година е обвинет за прикривање данок, добил државјанство на Црна Гора во 2010 година.