Осуден за убиство на четиричлено смејство, отслужи во „Вагнер“ и сега е на слобода

Неверојатни работи се случуваат во Русија: Се ослободуваат лица кои добија затворски казни за брутални убиства, разбојништва и други тешки кривични дела за да војуваат во Украина


 

Рускиот затвореник Александар Тјутин беше ослободен за да учествува во војната во Украина како дел од платеничката група „Вагнер“. Во 2021 година, судот го осуди на 23 години затвор за нарачано убиство на четири лица. За ова пишува изданието 47news.

„Вагнер“ го регрутираше Тјутин на почетокот на јули во колонијата на Карелија бр. 9. Платеничката чета го зеде и покрај неговата возраст – тој веќе имаше 66 години, пишува медиумот.

Во втората половина на декември, на Тјутин му заврши шестмесечниот договор и тој се врати во Санкт Петербург. Поранешниот затвореник на 17 јануари полета за турска Анталија, каде претходно леташе неговата сопруга. Тој официјално треба да биде во затвор уште 19 години.

Во 2018 година, Тјутин беше приведен додека се обидуваше да нареди убиство на неговата внука поради наследен спор. За време на истрагата, се покажа дека тоа не била прва нарачка на Тјутин за убиство. Во 2005 година тој наредил убиство на семејството на неговиот деловен партнер. Дмитриј Зејналов, неговата сопруга, 11-годишниот син и 15-годишната ќерка биле застрелани од „калашников“. Откако биле застрелани, биле масакрирани со секира.

Прес-службата на сопственикот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, извести за првите осуденици кои се вратија од војната во Украина на почетокот на јануари. Сите ја одлежаа казната со шестмесечен договор и добија помилување. Се работеше за дваесетина луѓе. До денес се познати четири такви групи. Не се знае точно колку поранешни затвореници се ослободени.

Така беа ослободени лица кои добија затворски казни за брутални убиства, разбојништва и други тешки кривични дела. Еден од ослободените „вагнеровци“, Дмитриј Карјагин, ја убил својата баба со чекан. Станислав Богданов уби судија пред 11 години. Тој е осуден на 23 години затвор. Уште еден затвореник кој „заслужи“ да биде ослободен е поранешниот член на криминална банда, Антон Јонов. Тој заедно со другите членови на групата ги мачеше жртвите со врела вода, напиша телеграмскиот канал Ротонда.