Остра реакција на Пендаровски: Иконографијата во Тетово разгорува етничка омраза

Објавувањето на картата со мапа на Голема Албанија во деновите на одбележувањето на Рамковниот договор ги поткопа во јавноста неговите придобивки


Фотографијата од собирот во Тетово што ја објави Билал Касами на неговиот профил на Фејсбук

 

Претседателот Стево пендаровски се надоврза на редицата осуди што стигнаа по собирот во тетово во чест на косовскиот премиер Албин Курти, каде што беше истакнато знаме на Голема Албанија. Пендаровски вели дека со „националистичката иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи претставува разгорување на етничка омраза и нетрпеливост“ и тоа во деновите кога се одбележува годишнината на Рамковниот договор.

„Истакнувањето на провокативна националистичка иконографија што промовира великодржавни шовинистички идеи претставува разгорување на етничка омраза и нетрпеливост со што недвосмислено се напаѓаат основните принципи и вредности на Рамковниот договор како и концептот на Македонија како мултиетничка држава.  

Организаторите на јавните собири во Тетово и во Чаир мора да бидат законски санкционирани за кршењето на законските одредби во однос на употребата на државното знаме и химна и знамињата и симболите на заедниците, со целосно игнорирање на симболите на државата. Во таа насока ги повикувам надлежните органи во најкус можен рок да ги завршат пропишаните постапки“, вели во реакцијата претседателот на државата.

Тој, исто така, го осуди и начинот на преименувањето на улица во Чаир, Скопје, според името на Адам демачи од Косово.

„Начинот на реализација на идејата за преименувањето на улицата во општината Чаир е во спротивност со принципот на демократска дебата и почитување на историското наследство на сите заедници во државата. Во таа смисла, очекувам надлежните инспекциски служби да проверат дали при носењето на одлуката е почитуван принципот на двојно мнозинство, кој треба да ги вклучува и гласовите на заедниците кои не се во мнозинство во таа општина“.

Посетата на косовскиот премиер Албин Курти на општините Тетово и Чаир, предизвикаа бура од реакции. Иако посетата на Курти беше приватна опозицијата вината ја насочи кај Владата. Курти се сретна со дел од лидерите на опозициските партии на Албанците, но со ниту еден државен претставник. Такви средби не беа ни најавени. По повод посетата, беа организирани неколку граѓански собири, како и концерт во Тетово, во организација на Општината. По концертот, тетовскиот градоначалник на Фејсбук објави фотографии со развеано знаме со картата на т.н. Голема Албанија, а во општина Чаир улицата Втора македонска ударна бригада беше преименувана во Адем Демачи. На фотографијата што ја објави касами го нема ниту македонското, но ниту косовското знаме, туку само албанското – градоначалник во Македонија и премерот на Косово заедно на ист собир се дел од иконографијата на друга држава.

Премиерот Димитар Ковачевски во својата вчерашна реакција наведе:

„Видот на иконографија забележан на настанот (во Тетово) во присуство на висок претставник на странска држава е несоодветно и недозволиво во земја членка на ОН и земја членка на НАТО и во таа насока ве информираме дека СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот. Дополнително ве информираме дека од Кабинетот на премиерот во текот на денот е исконтактиран амбасадорот на Косово во Северна Македонија, во врска со споменатата иконографија користена при приватната посета на косовскиот премиер на земјата“.

Премиерот исто така нагласи дека не се согласува со преименувањето на улицата во Чаир:

„Иако локалната самоуправа во Северна Македонија има целосна слобода во донесувањето на одлуки кои ја засегаат општината, сепак, Кабинетот на премиерот Ковачевски посочува дека не се согласува со преименување на улица која го носи името на херојската Втора македонска бригада“.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение праша кој му овозможич обезбедување ако Албин Курти бил во приватна посета.

„СДС се прават дека ништо не знаат, за ништо не се виновни, како за промената на имиња на улици, така и за посетата на косовскиот премиер Албин Курти. Без никаква поврзаност со историјата на државата, ниту пак некаква поврзаност со Скопје има Демачи, напротив тој е познат по националистичките сфаќања за туѓи држави. Бидејќи од ДУИ и СДС исто така не знаеле дека во посета на државата доаѓа косовскиот премиер, тогаш кој дал дозвола за негово полициско обезбедување? Дали доколку Албин Курти бил на приватна посета во Македонија му следи целосно обезбедување од МВР?“, реагира ВМРО-ДПМНЕ. (Н.В.)