„Остен“ одбележува 75 години со две изложби


Галеријата Остен, организатор на Светската галерија на карикатура и на Светската галерија на цртеж оваа година слави 75 години постоење, но  поради пандемјата јубилејот нема да го одбележи со доделување награди на изложба со дела од манифестациите што ги организира и во присуство на уметници од светот.

-Но вирусот, сепак, не можеше да не спречи карикатуристите и уметниците да ги донесовме тука – преку нивните дела, наведува Остен, информирајќи дека дела од селектирани автори се претставени од 1 до 10 октомври на изложби во Чифте амам и во Галерија Остен.

Во Чифте амам е поставена изложба на слики, цртежи и графики на повеќе од 200 уметници од целиот свет. Од Биеналето на цртеж Скопје 2020 се селектирани делата на Илја и Емилија Кабаков – Гран-при за животно дело и на Оскар Кокошка – награда Светско културно наследство.

Од Остен Биеналето на наградени автори Скопје/Охрид 2019-2020 претставен е авторот Мати Грунберг од Израел, добитник на Гран-при.

Во Галеријата Остен е отворена изложба на карикатури и графички дизајн. Од 52. Светска галерија на карикатури Скопје 2020 се претставени дела од Михаил Златковски од Русија – Гран-при, Октај Бингол од Туриција – прва награда и Владимир Казаневски од Украина – втора награда. 

Изложбите може да се посетат од 1 до 10 октомври во Чифте амам секој ден (освен понеделник) од 10 до 18 часот, а во Галерија Остен секој ден (освен недела) од 10 до 17 часот.