Оставки во здравство, се повлекува и министерот Филипче
„Последната трагедија во Тетово многу ме погоди, многу жалам за загинатите“, рече Филипче, објавувајќи дека понудил пишана оставка до премиерот
Министерот за здравство Венко Филипче денеска на вонредно обраќање до јавноста рече дека поднесува оставка од фуункцијата поради морална одговорност за пожарот во модуларната болница во Тетово.
„Последната трагедија во Тетово многу ме погоди, многу жалам за загинатите. Сочувствувам со нивните семејства. Нема зборови што тоа можат да го опишат, ниту пак начин да се надомести загубата. Почитувани, како лекар и министер имам интегритет затоа денес од морални причини понудив пишана оставка до премиерот Зоран Заев“, изјави Филипче. Тој рече дека уште пред година и пол кога го регистриравме првиот ковид-случај во нашата земја до денес секогаш пред граѓаните стоел отворено и транспраентно, соопштувајќи ги сите – и добри и лоши вести.
„Никогаш не бегав од критика, не останав должен одговор, никогаш не се откажав од битката да ја победиме пандемијата. Сите одлуки кои ги донесовме беа со една единствена цел, а тоа е да се заштити здравјето на граѓаните“, рече Филипче.
Покрај министерот за здравство Венко Филипче, оставка денес поднесоа и заменик-министерот Илир Хасани, како и директорот на Тетовската болница Флорин Бесими и економскиот директор Артан Етеми.
Бесими на својот фејсбук профил напиша дека по ваков трагичен и немил настан, ваквата одлука е неизбежна.
– Со неисцрпна болка за секоја жртва и секој член на семејството, ве известувам дека поради моралната одговорност што ја чувствувам, поднесувам оставка од функцијата директор на Клиничката болница во Тетово. По ваквиот трагичен и немил настан, оваа одлука е неизбежна. Во исто време, се надевам дека целосната истрага ќе заврши што е можно поскоро и ќе се разјаснат причините за пожарот во модуларниот центар на Тетовската клиника за пациенти со Ковид-19, напиша Бесими.
Ковид-центарот во Тетово целосно изгоре за три минути на 8 септември вечерта, при што загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти и двајца роднини.
Инаку, од Обвинителството соопштија ддека се преземени мерки за обезбедување на видеоснимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи. Снимките се вештачат по издадени наредби. Се очекува извештаите од нивната анализа да помогнат во расчистување на настанот.
Од Владатта соопштија дека во истрагата околу пожарот во ковид центарот во Тетово ќе помогнат и германски експерти од Федералната криминалистика кои ќе пристигнат деновиве во нашата земја.