Оставки и апсења за договор или за избори


Заглавените политички процеси во земјава вчера беа придвижени од драматични случувања што би можело да помогнат во одврзувањето на јазолот. Додека премиерот Зоран Заев држеше прес-конференција во Владата, на која на лидерска средба ги повика првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и на Алијансата за Албанците, специјалната обвинителка Катица Јанева ја соопшти својата оставка, а на граничниот премин „Богородица“ беше уапсен Бојан Јовановски, алијас Боки 13, сопственик на 1ТВ, за перење пари.

Оставката на Јанева, која беше на чело на СЈО од формирањето во 2015 година и која до неодамна најавуваше оти ќе бара втор мандат по истекот на актуелниот за два месеца, ќе биде активирана штом биде договорен нејзин наследник и штом партиите се договорат за иднината на ова обвинителство. Со нејзиното заминување, се создава простор за поголема флексибилност од страна на ВМРО-ДПМНЕ, од каде што не сакаат да слушнат за Јанева.

Теми: Пописот, СЈО и изборниот модел

„Иако извештајот на Европската комисија е одличен, не треба да застанеме со работа и треба да дадеме сè за да дадеме уште повеќе аргументи за позитивната одлука во октомври, но најмногу од сè тоа им го должиме на граѓаните, односно е наша заедничка политичка одлука пред нашите граѓани“, рече Заев додавајќи дека претстои кус период и оти она што лидерите го декларираат како сопствен и партиски стратегиски приоритет да го потврдат и на дело.

На средбата, како што рече, очекува лидерите да се фокусираат на создавање услови за последниот исчекор за старт на преговорите и од неа да произлезат предлози за акциски план и работни групи во кои би учествувале претставници од сите парламентарни групи со кои ќе има разговори.

Тој предложи да се разговара за три теми: пописот што треба да се одржи в година, законот за јавно обвинителство и новиот изборен модел, за кој рече оти треба да биде донесен пред притисок од избори. Заев остави простор другите лидери да предложат свои теми. Премиерот образложи дека до следните избори е важно да се обезбеди легислатива со вградени препораки од ОДИХР, оти преговорите за СЈО траат предолго, а успешниот попис ќе ни ги отвори сите перспективи за прецизно проектирање на економските, но и на севкупните политики во државата.

„Затворањето на овие теми ќе значи заокружување на реформите во делот на европските интеграции со кои ќе се претставиме наесен како земја која ги затворила сите прашања за добивање на ветениот датум за старт на преговорите. Никому да не му дадеме аргумент да биде против, да биде резервиран или слично“, рече премиерот.

Интегративците на Ахмети, кои се коалициски партнер во Владата, очекувано ја прифатија понудата, исто како и Алијансата на Зијадин Села.

„Мило ни е што премиерот почна да ја чувствува вистинската сила на Алијансата за Албанците. Отсекогаш сме мислеле дека вакви лидерски средби треба почесто да се свикуваат кога станува збор за чувствителни државни прашања. Ќе ја прифатиме поканата и сигурно ќе учествуваме во неа со наши предлози и идеи за прашањата за кои ќе се дискутира“, соопштија од Алијансата.

Сепак, во најголемата опозициска партија и натаму остануваат на ставот дека Мицкоски ќе седне со Заев само доколку се разговара за итни парламентарни избори.

„Ние сме децидни дека на таа лидерска средба како прво и единствено прашање мора да се разговара за предвремени парламентарни избори. Во однос на денот и времето и локацијата, дополнително ќе биде анализирано во органите на партијата и ќе биде одлучено согласно агендите на претседателот и временските можности. Веднаш потоа може да се разговара за сè останато“, коментираат во партијата.

Според нив, и во вчерашното обраќање на Заев се видело дека тој бега од избори со тоа што кажал оти може да се разговара за изборниот модел, меѓутоа да не бидат под притисок за предвремени парламентарни избори.

„Со самото тоа тој покажува дека се плаши, од проста причина што целата јавност е сведок на големата корумпираност, на неговото давење во скандали, на најкорумпираната влада во моментот, на наместени тендери, на лични провизии…“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

На избори ако не добиеме датум

Според нашите информации, работните групи на власта и на опозицијата седнале да видат што е проблемот околу пописот. Претставниците на ВМРО-ДПМНЕ им ги кажале забелешките на колегите од владината коалиција и чекаат да се произнесат. Доколку не дојде до компромис, опозицијата се закани дека ќе го бојкотира пописот закажан за идната пролет. Заев рече дека пробниот попис поминал одлично и оти е срамота што државава не спровела една обична статистичка операција веќе 17 години.

Што се однесува до законот за јавно обвинителство, ВМРО-ДПМНЕ подготвува нов предлог-закон и дотогаш блокирани се преговорите со власта. Премиерот најави дека разрешница мора да има до крајот на месецот без оглед дали ќе има договорот со опозицијата.

Кога е во прашање изборниот модел, се очекува финализација на договорот за нов концепт за составот на ДИК, како и за преиспитување на досегашниот пропорционален модел со шест изборни региони за парламентарни избори. Но, додека се чека решението, во ДИК и натаму е составот кој беше избран со мандат од само шест месеци за да го спроведе референдумот, за потоа на членовите да им биде продолжен мандатот за уште најмногу две години, затоа што ќе немаше кој да ги спроведе претседателските избори. Во однос на изборниот модел, пак, се разгледуваа модалитети за намалување на бројката на изборни единици на една или евентуално на три, како и можноста за воведување отворени листи. Проценките се дека, ако се направат вакви крупни измени на изборната регулатива, ќе треба да поминат барем шест месеци до нејзино спроведување на терен.

„И ние сме подготвени за предвремени избори напролет, наесен или кога било, но пред сè е одговорноста кон државата, секогаш сме стоеле на ставот дека треба да ѝ дадеме шанса на економијата по сериозни политички одлуки. Останувам на ставот дека треба да одиме на редовни избори. Брзи избори, предвремени избори видовме до каде ја донесоа државата заради политички калкулации. Ако одиме на избори оваа есен, ќе остане истата влада приближно со истите партиципиенти. Што ќе направиме овој драгоцен неповторлив период за македонската економија ќе го унаказиме, ќе го уништиме“, рече Заев.

Редовните избори се во декември 2020 година, но лидерот на СДСМ и премиер е согласен да се поместат за два месеца и да се одржат во октомври в година.

„Стопроцентно сум убеден дека овој октомври ќе добиеме датум за преговори со ЕУ. Ако не се случи тоа, подготвен сум да разговарам за предвремени избори“, вети Заев.

Горан Адамовски