Оставката на Весел Мемеди на утрешната собраниска седница


Потпретседателот на Собранието Весел Мемеди, кој поднесе оставка на пратеничката функција, на утрешната 104. седница ќе го искористи своето право и ќе се обрати пред пратениците, по што треба да биде констатирана неговата оставка.

Мемеди за МИА потврди дека утре ќе зборува пред пратениците и рече дека во своето обраќање ќе каже се што мисли дека треба. Притоа Мемеди не кажа дали ќе ја повлече оставката, како што неформално брифираат во Собранието, или ќе остане на својот став и ќе ја напушти пратеничката функција, а со тоа и потпретседателското место.

Весел Мемеди во Собранието доаѓа од партијата НДП, а неговата партија го имаше министерското место во локална самоуправа. Со реконструкцијата на Владата, министер за локална самоуправа стана Горан Милевски од ЛДП. Мемеди оставката ја поднесе во знак на незадоволство од одлуката на премиерот Зоран Заев за разрешување на поранешниот министер за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

На утрешната собраниска седница треба да биде верификуван и мандатот на новата пратеничка Александра Цветковска, која доаѓа на местото на Милевски.

Цветковска е од листата на кандидати за пратеници во Парламентот за ИЕ 5 од СДСМ и Коалицијата.

На дневен ред на оваа седница се и неколку закони.