Оставката на Милески се уште не е стасана во Парламентот


Фото: Б. Грданоски

Во Собранието се уште не е доставена оставката на министерот за локална самоуправа Горан Милески и не се знае кога ќе биде изборот на новиот министер Ристо Пенов кој доаѓа од редовите на Либерал-демократската партија. Премиерот Димитар Ковачевски денеска рече дека изборот ќе се координира со претседателот на Собранието во однос на закажување на седниците, но не кажа кога Владата ќе ја испрати оставката до Парламентот.

Од Собранието посочуваат дека доколку оставката биде испратена неделава до нив таа би можела да биде констатирана на новата седница што претседателот на Собранието Талат Џафери ја закажа за 17 октомври. Доколку со оставката пристигне и предлог за избор на нов министер, гласањето би можело да се изврши истиот ден на нова седница.

За свикување нова седница Џафери информирал денеска на редовната понеделничка средба со координаторите на пратеничките групи. Исто така тој повторно апелирал претседателите на комисиите да ги свикуваат овие собраниски тела за поефикасна работа на Собранието. На координацијата и денеска не присуствувал координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.