Остатоците од модуларната болница во Тетово потресно сведоштво за трагедијата (фото)
Сцените од остатоците на модуларната болница во Тетово се потресно сведоштво за трагедијата што се случи вечерта на 8 септември кога во болницата избувна пожар кој за кратко време однесе 14 животи.
Владата поради големата трагедија прогласи тридневна жалост. Истрагата за случајот е во тек, а министерот за здравство Венко Филипче нагласи дека никој нема да биде изземен од одговорност.

Во ковид-центарот за време на пожарот имало вкупно 26 пациенти, преживеаните 12 се на лекување во тетовската болница и се надвор од животна опасност.
„Нема настрадани здравствени лица, неколкумина се со полесни повреди“, информираа вчера од Министерството за здравство и изразија сочувство до семејствата на загинатите и длабоко жалење за страотната несреќа.

Починатите се на возраст од 29 до 79 години. Освен класичните обдукциски наоди ќе се прават и анализи на ДНК за што се информирани и членовите на семејствата на пациентите.

Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека истрагата треба да утврди дали и на кој начин по предавање на објектот во употреба во тетовската болница, истиот бил одржуван и раководен, додавајќи дека Министерството активно ќе соработува со истражните органи и апелираше тоа да го направат и сите други институции, со цел точно да се утврди што се случило.

Сочувства до семејствата и роднините на починатите во страшната трагедија во Ковид-центарот во Тетово и желби за успешно закрепнување на повредените тиггнуваатт од сите страни. Вчера сочуввство изразија и претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев, кој воедно најави брзо утврдување на причините за пожарот.

Јавноста, пак, освен изрази на сочувство очекува и брзи одговори за причините на пожарот, но и одговорност за евентуалните пропусти.

Во таа насока е и информацијатта што ја објави СДК.мк дека обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска дала наредба Бирото за јавни набавки да ѝ ја достави целокупната документација за јавните набавки за сите 19 изградени модуларни болници во Македонија.


