Oстaр пад на берзите во светот, инвеститорите очекуваат втор бран на пандемијата


На светските берзи, цените на акциите минатата недела забележаа најголем неделен пад од средината на март, бидејќи според новите економски проценки на Федералните резерви на САД, се распаднаа надежите за брзо закрепнување на најголемата светска економија од корона кризата, пишува регионалниот бизнис портал „Сеебиз“ (SEEbiz.eu).

На Вол Стрит, индексот „Дау Џонс минатата недела потона 5,6 проценти на 25.605 поени, додека индексот „С & П 500 падна за 4,8 проценти на 3.041 поени, а „Насдак 2,3 отсто на 9.588 поени.

На самиот почеток на минатата недела, се чинеше дека светските берзи ќе го продолжат својот нагорен тренд. Цените на берзата се зголемија, при што индексот „Насдак“ ги неутрализира сите загуби од избувнувањето на корона кризата и достигна највисоко ниво во историјата.

Но, во средината на неделава, инвеститорите се загрижија по вестите за пораст на бројот на нови заболени со коронавирус во некои држави на САД кои неодамна ги укинаа рестриктивните здравствени мерки.

Покрај тоа, здравствените експерти предупредија дека бројот на загинати од коронавирус во САД може да достигне 200.000 до септември, пред да се стави под контрола бројот на нови инфекции.

Поради тоа се урнаа надежите за брзо закрепнување на економијата од короната криза, при што цените на акциите на Вол Стрит потонаа повеќе од 5 проценти во четвртокот, што претставува нивниот најголем дневен пад од март.

„Реалноста е дека економските ризици ќе траат подолго од пазарните процени. Пазарот можеби порасна премногу брзо во последните неколку недели“, вели Дан Деминг, извршен директор на ККМ Финансијал“.

Благодарејќи на огромните фискални и монетарни мерки за стимулирање, индексот С & П 500 порасна за повеќе од 35 проценти од 23 март, па на почетокот на минатата недела се приближи до рекордното ниво, достигнато на 19 февруари, на само 6 проценти.

Според некои макроекономски извештаи, инвеститорите се надевале на брзо закрепнување на економијата од корона кризата и излез од рецесијата, но биле разочарани од процените и пораките од Федералните резерви на САД.

ФЕД во средата, по дводневната сесија објави дека американската економија може да падне 6,5 проценти оваа година и да порасне 5 проценти следната година.

Американската централна банка исто така соопшти дека клучните каматни стапки ќе останат ниски до 2022 година, бидејќи, како што изјави претседателот на ФЕД, Џером Пауел, претстои долг пат за закрепнување.

„Пораката на ФЕД дека ќе ги задржи каматните стапки стабилна до 2022 година ги натера инвеститорите да заклучат дека ФЕД е повеќе загрижена за темпото на закрепнување на економијата отколку порано“, вели Џозеф Срока, директор во Нова Поинт“.

И на европските берзи, цените на берзите паднаа нагло минатата недела. Индексот FTSE во Лондон се спушти за 5,85 проценти, на 6.105 поени, додека франкфуртскиот DAX потона за 7 проценти, на 11.949 поени, а CAC во Париз 6,9 проценти, на 4.839 поени.

На берзата во Токио, пак, индексот Никеи падна за 2,4 проценти на 22.305 поени, пишува „Сеебиз“.