Остар пад на берзанските индекси на Волстрит


 

На Волстрит, берзанските индекси нагло паднаа бидејќи повторно се разгореа стравувањата од агресивно зголемување на каматните стапки пред конференцијата на централните банкари во Џексон Хол.

Dow Jones падна за 1,91 отсто, на 33.063 поени, додека S&P 500 потона за 2,14 отсто, на 4.137 поени, а индексот Nasdaq за 2,55 отсто, на 12.381 поени. Во сите 11 најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите паднаа, а највисоко, околу 2,8 отсто, во трговијата и технологијата.

Во последните недели, пазарот беше поддржан од надежите на инвеститорите дека поради забавувањето на инфлацијата во САД по највисоките нивоа во повеќе од 40 години, американската централна банка во иднина ќе биде помалку агресивна во зголемувањето на каматните стапки.

ФЕД ги зголеми каматните стапки за 2,25 процентни поени од март, а се очекува да ги зголеми и во септември. Прашање е, сепак, дали ќе ги зголемат каматните стапки за 0,50 или 0,75 процентни поени.

Затоа, со нетрпение се очекува говорот на претседателот на ФЕД Џером Пауел во петокот во Џексон Хол.