Остар одговор на Ковачевски: Уцени не прифаќам, особено не за себичните интереси на Мицкоски

Христијан Мицкоски не мора да чека до 10 мај на одговорот на премиерот Димитар Ковачевски. Тој стигна само неколку часа откако Мицкоски му постави барање да одржат јавна средба за закажување на предремени избори.
„Јас кажав повеќе пати и пак ќе кажам, уцени не прифаќам. Ова е втор пат како Мицкоски се обидува да ме уценува, а добро знаеме како заврши првиот пат. Неговите себични политички амбиции мене не ме засегаат, туку интересот на граѓаните и државата.
Како Влада имаме многу одговорна работа, а тоа е менаџирање на најголемата економска криза по Втората светска војна. Ниту се потребни средби за избори, ниту се потребни избори туку одговорно делување на сите политички партии. Потребно е функционално Собрание за носење закони и рационално трошење на буџетот во овие кризни времиња“, вели Ковачевски во својата изјава преку Фејсбук.
Тој додава дека Мицкоски никогаш не го интересирале граѓаните и нивните потреби, туку само неговата политичка кариера. А Владата и СДСМ немало да дозволат желбите на опозицијата да се врз штета на граѓаните, несигурност, трошење на огромни буџетски средства и нови кризи.
Осврнувајќи се на изјавата на Мицкоски дека доколку Ковачевски ја одбиел неговата понуда „ќе следат сериозни и досега непреземени чекори“, Ковачевски одговара:
„Што се однесува до заканите за некаква радикализација, му порачувам уште еднаш дека како што не прифаќам уцени, уште помалку реагирам на закани. Деструктивноста е одлика и заштитен знак на Мицкоски и неговата партија, но тоа граѓаните го гледаат и препознаваат и таквите најави верувам дека силно ги осудуваат.
Најавите на Мицкоски се одраз на немоќ и безидејност за конструктивност. Ако сакаше било што конструктивно да направи досега ВМРО-ДПМНЕ имаше можност да го направи. Наспроти тоа, тие произведуваат лажни вести, креваат хистерија и партиски мобилизираат протести“, вели премиерот Ковачевски.