„Останаа уште 11 години“: Ковачевски одговара уште колку години ќе биде премиер


 

„Минатата година рековте во оваа емисија дека ќе бидете уште 12 години премиер. Дали уште мислите така?“ – така го постави последното прашање уредникот Гоце Михалоски до премиерот Димитар Ковачевски во интервјуто на Канал 5.

„Да. Така е. Остануваат уште 11 години“ – му одговори Ковачевски.

Ова беше финалето на интервјутот  во кое меѓу другите работи премиерот цврсто изјави, како и многу пати досега, дека предвремени избори нема да има и дека редовните ќе бидат неколку месеци по претседателските во 2024 година, некаде на почетокот на летото.

Ковачевски е убеден дека до ноември ќе бидат донесени уставните измени. Тој рече дека има конкретни сигнали од опозицијата за поддршка на уставните измени

„Секогаш верувам дека стратешката цел е остварлива. Уставните измени ќе бидат доставени пред летото. Формирана е работна група во Министерството за правда каде што претставници на политичките партии и експерти од академијата и уставното право веќе почнаа со работа и подготвување на предлог амандманите, кои потоа ќе се најдат и на јавна расправа со стопанските комори… а потоа и во собраниска процедура пред политичките партии. Во ќор-сокак не може да дојдеме зашто еден ден ќе имаме 80 пратеници. Предвремени избори нема да има. Прво ќе има претседателски, во втора половина на март, а потоа, во втората половина на јуни, ќе бидат и парламентраните. Мицкоски имаше понуда, да ги изгласаме уставните измени па да одиме на избори, но не го прифати тоа“, истакна Ковачевски. 

Според него, „не може да бидеме заложници на еден човек. Овој процес не е процес на еден човек, на една партија и една Влада. Опозицијата има можност да се приклучи на европскиот фронт“, потенцираше премиерот.

Според него, процедурата за уставните измени е веќе почната и ќе продолжи, а поддршка има и од САД и од ЕУ.