„Специјалните“ ќе гонат од „обичното“ обвинителство?

Лага и класична манипулација со јавноста се тврдењата дека ако се префрлат предметите на СЈО во Јавното обвинителство тоа ќе значи други обвинители да работат по нив, со повторно собирање докази и искази на сведоци што, пак, може да доведе до застарување на дел од нив, вели во изјава за „Независен весник“ поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев.

„Во таков случај првиот човек на Јавното обвинителство овластува обвинител кој ќе го застапува предметот во фазата во која се презема и тоа може да биде истиот кој досега го водел. Разликата е што тој веќе нема да се вика специјален јавен обвинител, туку јавен обвинител“, објаснува Илиев.

Во информацијата дека специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која се наоѓа во притвор, испратила писмо до СЈО со кое бара сите предмети што ги води СЈО да се префрлат во Државното јавно обвинителство кај Љубомир Јовески, тој засега не гледа опасност да се пеплоса комплетната досегашна работа на институцијата во која граѓаните полагаа најголема надеж.

Барањето на Јанева на некој начин е и негова идеја, за која неодамна јавно зборуваше. Илиев смета дека во моментов не смее да се дозволи правен вакуум со евентуална пропаст на политичките преговори за новиот закон за Јавно обвинителство со кој се регулира статусот на СЈО и дека единствено безболно решение, според Уставот, е државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да ги преземе сите предмети, вклучувајќи ги и истрагите кои за опозицијата се спорни затоа што се отворени по 30 јуни 2017 година.

„Во таков случај Уставот, највисокиот државен акт, стапува на сцена. Тој е неумолив. Главниот државен јавен обвинител е доминус во предметите. И тој лично може со предметот од СЈО под мишка да влезе во судница, а притоа обвинителот што досега го водел да го овласти како негов помошник. Па сите познати јавни обвинители во светот се прославуваат во судница, а не на прес-конференции. Тој е овластен според Уставот, нема друг. Тој според принципот на субординација се грижи за сите предмети и треба да гони сторители на кривични дела. Не може да замижи. Откако ќе ги преземе и разгледа, ќе може да ги прошири или, пак, да ги врати неколку чекори назад или да продолжи од каде што застанале претходно. Слушам разни тези од типот дека Катица Јанева е СЈО и ако неа ја нема сè оди во неврат. Тоа не може и не смее да биде така“, вели помалку револтирано Илиев.

Тој нагласува дека во никој случај не смее да се дозволи предметите и истрагите на СЈО да останат да „висат“ незавршени или да пропаднат поради тоа што политичарите не сакале да се договорат.

„Сите треба да бидат еднакви пред законот. Доколку пратениците донесат некакво законско решение по линија на помал отпор со кое ќе се направат несогледиви последици на правниот систем и уставниот поредок, и тие може некогаш да одговараат за тоа злодело“, вели Илиев.

Катица Јанева беше избрана за специјална обвинителка со мандат од четири години на 15 септември 2015 година, додека законот со кој се регулира функционирањето на СЈО е предвидено да важи пет години (до 15 септември 2020 година), но со можност да се продолжува „за еднаш годишно“, со одлука што Собранието би ја донело со двотретинско мнозинство. На неколку дена пред истекот на мандатот осомничената во случајот „Рекет“ е пред разрешување. За утре е закажана седница на собраниската Комисија за избори и именувања каде ќе се разгледува извештајот на Советот на јавни обвинители кој одлучи да поведе постапка за разрешување на Јанева.

Претседателот на комисијата, Илија Димовски, побара декласификација на извештајот, но Советот на јавни обвинители вчера реши тој да остане доверлив. Ваквата одлука Советот ја образложи со фактот дека во тек е истражната постапка за случајот „Рекет“, во кој осомничена е и Јанева, па потребно е да се заштитат нејзините права, како и да се спречи влијание врз постапката.

„Советот донесе заклучок дека барањето за декласификација на извештајот поднесено од Собранието на Република Северна Македонија не може да се прифати со оглед дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција сè уште води истражна постапка за актуелниот предмет оформен против специјалната јавна обвинителка. Од тие причини потребно е да се заштитат правата на лицата кои се наведени во извештајот или да се спречи недозволено влијание во ова постапка“, стои во соопштението на Советот на јавни обвинители.

Откако Комисијата ќе се изјасни, предлогот за разрешување на Јанева оди на пленарна седница каде е потребно двотретинско мнозинство, вклучувајќи и Бадентерово мнозинство. Последниот „печат“ на крајот повторно го става Советот на обвинители. Додека траат собраниската процедура, продолжуваат судењата за предметите на СЈО. Бранителите на осомничените во случајот „Титаник“ за изборни нерегуларности и вчера побараа изземање на обвинителката Лиле Стефанова. По излегување од судницата, таа рече дека предлогот треба да биде отфрлен бидејќи, како што појасни, Катица Јанева е сè уште специјален јавен обвинител и не може притворот да влијае врз судењата.

„Во овој момент Катица Јанева е специјален јавен обвинител и ниту едно овластување што ѝ е дадено не ѝ е одземено и не може притворот во друг предмет да влијае врз судењата во одобрените обвинителни акти“, рече Стефанова. За писмото на Јанева за трансфер на предметите во ОЈО не беше слушнала.

„Не знам, бев на судење, не го знам тоа писмо. Кога ќе го прочитам, ќе ви кажам“, рече кратко Стефанова.

Наум Котевски