Осомничениот за пожар во јужноафриканскиот Парламент обвинет и за тероризам


Обвинението против осомничениот за подметнување пожар во кој беа уништени делови од јужноафриканскиот Парламент денеска беше проширено со обвинение за тероризам.
Новото обвинение е додадено на рочиштето во Кејптаун, закажано по повод одредување кауција за осомничениот Зандиле Мафе (49).

Мафе претходно беше обвинет за кражба, подметнување пожар и поседување експлозивна направа.

Делови од 130-годишниот комплекс на Парламентот во Кејптаун беа уништени во голем пожар што избувна на 2 јануари. На пожарникарите им биле потребни четири дена за целосно да го изгаснат огнот.

Пожарот ја уништи главната сала во која се заседава Парламентот на Јужноафриканската Република, а значителни штети претрпеа и други згради во комплексот.

Во пожарот нема повредени бидејќи Парламентот не работел поради празниците.

Обемот на пожарот и причинетата штета веднаш го отворија прашањето дали се работи за намерен напад.

Мафе, кој во првото појавување пред судот беше опишан како бездомник, беше уапсен на местото на инцидентот, кога во негова близина беше пронајдена експлозивна направа.

Неговото семејство ги демантираше шпекулациите, кои се проширија на Интернет, дека тој поминал воена обука во Русија.

Мафе ги негираше обвинувањата, а неговиот адвокат тврди дека властите го користат како жртвено јагне за прикривање на пропустите во обезбедувањето на Парламентот.