„Титаник 2“ дојде во Апелацискиот суд, остануваат уште 17 дена до застарување


Апелацискиот суд во Скопје (Фото: Б. Грданоски)

Основниот кривичен суд Скопје денеска информира дека предметот „Титаник 2“ вчера бил доставен во Алелацискиот суд за надлежно постапување. Случајот се најде во центарот на вниманието  затоа што на 7 април застарува кривичното дело за кое неправосилно е осуден Мијалков, а тоа е примање награда за противзаконито влијание.

-Поради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот ја информираме јавноста дека предметот со КОК бр. 7/20 од Обвинителството означен како „Титаник 2“ на 20.3.2023 година е доставен во Апелациониот суд Скопје на надлежно постапување. Имено, по добиени жалби од обвинетиот М.Т. и неговиот бранител, како и известување од надлежниот јавен обвинител дека нема да поднесе дополнителни жалби, предметот е комплетиран, испочитувани се сите утврдени рокови и доставен е на понатамошно второстепено постапување, информираат од Основиот кривичен суд Скопје.

Оттаму додаваат дека по овој предмет, Апелацискиот суд Скопје веќе еднаш има постапувано, па согласно одредбите од ЗКП сега треба да донесе мериторна одлука по добиените жалби.

Предметот „Титаник 2“ се однесува на изборни нерегуларности. Обвинети се поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков како и поранешните членови на Државанта изборна комисија (ДИК), Бедредин Ибраими, Влатко Сајкоски, Сашо Срцев и Елизабета Стефановска. Меѓу обвинетите и лидерот на ДПА, Мендух Тачи.