Основен суд 2: Одлуката за смена во ИВЗ не е правосилна


Одлуката за промена на Реис Ул Улема не е правосилна, односно течат рокови за жалба од 15 дена, соопштуваат од Основниот суд Скопје 2, по превирањата во Исламската верска заедница.

„Потенцираме дека судот не врши промена, туку спроведува и потврдува одлуки на верската заедница што се донесени на вонредна седница на Ријасетот, а врз основа на член 36 и член 68 од Уставот на Исламската верска заедница. По однос на прашањето на дел од медиумите дали неотповикливата оставка на Реис Ул Улема Сулејман Реџепи е фалсификат или не, Ве известуваме дека тоа може да биде предмет на друга постапка. Во постапка согласно Законот за правната положба на црква, верска заедница и религиозна група, судот само врши потврда на одлуките донесени од верската заедница и истите ги изразува во Решение за промена. Наведеното дотолку повеќе што сите одлуки во барањето за промена на Реис Ул Улема се со печат на верската заедница и заведени под деловоден број на заедницата“, соопштуваат од Судот.

Од Судот велат дека решението го донеле на 17 овој месец и го уважило барањето на ИВЗ за промена на функцијата Реис Ул Улема врз основа на вонредната седница на која е прифатена оставката на досегашниот Реис, Сулејман Реџепи и е избран Скендер Бузаку.