Османи за пораките на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да ги вклучат во влада: Нема да ни фали ни влакно на глава


Фото: Б. Грданоски

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, како ризична за државата ја оцени изјавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека по завршувањето на парламентарните изборите и по евентуалната нивна победа, ДУИ ќе оди во опозиција зашто, како што рече, спомнувањето на ДУИ е спомнување на мнозинската волја на Албанците.

Прашан за коментар на изјавите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и дали стравуваат дека ќе одат во опозиција, Османи рече дека не е првпат да се бара ДУИ да оди во опозиција.

-Се сеќавам и на изјавите на Зоран Заев на митинзите кога велеше „зошто ДУИ да не оди во опозиција“ и екаков беше исходот понатаму. Овој начин на создавање на меѓуетничка омраза со цел потоа да се искористи во добивање на политички поени е премногу ризичен за една мултиетничка демократија како што сме ние. На ВМРО можам да им кажам дека додека е ДУИ и додека е Али Ахмети на Албанците нема да им фали ни влакно од глава. Сите такви закани се безвредни, рече Османи во одговор на прашање на денешниот брифинг во СЦ „Борис Трајковски“ каде ќе се одржува Годишната конференција на ОБСЕ.

На забелешката на новинарите дека се спомнува ДУИ, а не сите Албанци и зошто вели меѓуетнички тензии, Османи рече дека „токму ДУИ е мнозинската волја на Албанците“.

-Спомнувањето на ДУИ е спомнување на мнозинската волја на Албанците. ДУИ ги претставува Албанците и тие не се паднати од небо. Некој ги избрал да ги претставуваат Албанците.Мнозинската волја на Албанците е кај ДУИ и затоа овој обид за создавање на меѓуетничка омраза со цел потоа да се искористи емоцијата кај Македонците мислам дека е далекусежно ризично за државата, потенцира Османи.