Османи во залет за преговори со ЕУ или за конгресот на ДУИ ?


Еден месец пред одлуката на Европскиот совет за определување датум за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи наеднаш покажа сериозна заинтересираност за тоа како се спроведува на терен новиот Закон за употреба на јазиците. Изминатиот викенд, Османи, веројатно, паралелно ги пакуваше куферите за турнејата во Брисел, Берлин и Варшава и вршеше инспекција на терен за тоа како се спроведува Законот за јазиците, кој речиси две години креваше прашина во домашната политичка арена, а сега исто така е цел на „инспекција“, ама во Венециската комисија на Советот на Европа.
Во видеото што вицепремиерот го објави на својот Фејсбук-профил може да се види како тој, придружуван од директорот на Агенцијата за примена на Законот за јазиците, Илбер Села, обиколува дел од институциите во Скопје за да провери дали нивните називи на таблите на влезовите се напишани и на албански јазик. Иако спроведувањето на Законот за јазиците повеќе е во надлежност на новото Министерство за политички систем, а воопшто не обврска на вицепремиерот за европски прашања, на видеото може да се види и слушне како Османи му ѕвони на телефон на директорот на Агенцијата за администрација Спасе Глигоров за да го праша зошто не е уште променета таблата на оваа институција.
Османи го објавил видеото од „инспекцијата“ вечерта на 14 септември, а следниот ден – 15 септември годинава во Законот е определен како последен рок за поставување нови – двојазични табли на сите државни институции. Во законот се предвидени и казни за неспроведување на неговите одредби, ама сè уште не е формиран Инспекторатот за употреба на јазиците. Регулативата со која е предвидено конституирањето на инспекторатот и неговите надлежности, на тековната собраниска седница, ја помина првата фаза од процедурата за нејзино донесување. Како што е предвидено, инспекторатот ќе функционира во рамки на Министерството за правда, а директорот ќе го именува Владата. Во делот на прекршочните одредби, предвидени се глоби од 300 до 500 евра за правни лица и од 100 до 200 евра за непостапување согласно одредбите во овој закон. За прекршување на Законот за употреба на јазиците, пак, казните се многу повисоки, односно се во висина меѓу четири и пет илјади евра за институциите и меѓу 1.200 и 1.500 евра за директорите. Со оглед на тоа што законот за инспекторат за употреба на јазиците е во прво читање, не се исклучени и амандмански интервенции во понатамошната постапка за негово донесување.
Случајно или не, оваа авантура на Османи надвор од неговите надлежности како прв човек на Секретаријатот за европски прашања се случува во време кога владејачката ДУИ се подготвува за конгресот во ноември, кој беше одложуван во неколку наврати. Конгресот треба да биде изборен, така што сега е на потег „вечниот“ лидер на оваа партија Али Ахмети. Тој треба да реши дали ќе оди на уште еден реизбор или евентуално ќе ја препушти функцијата на некој од неговото потесно опкружување, во кое припаѓа и Османи. Своевремено, Ахмети навести дека би можел да се повлече од лидерската позиција откако Македонија ќе влезе во НАТО што, пак, се очекува да биде готова работа до крајот на годинава. (А.М.М.)