Османи во Токио: Со договор ќе се зголемува јапонската помош

Јапонската помош за Македонија достигна половина милјарда долари


Бујар Османи и Јошимаса Хајаши го потпишуваат договорот за техничка соработка

 

Министрите за надворешни работи на Македонија и Јапонија, Бујар Османи и Јошимаса Хајаши, денеска во Токио потпишаа договор за техничка соработка меѓу двете земји, со што се зајакнува можноста за имплементација на јапонската билатерална помош за нашата земја, но и збогатување на договорно правната рамка. Дополнително, договорот преставува основа за унапредување на билатералните односи во повеќе аспекти, пред сѐ во делот на економската соработка и бизнис врските.

Османи упати благодарност за долгогодишната и континуирана јапонска помош преку бројни проекти, грантови и донации, што ја вбројува Јапонија меѓу најголемите донатори во Северна Македонија.
 

„Јапонската помош за Северна Македонија, кумулативно достигнува безмалку половина милијарда долари. Многубројни проекти што се финансирани преку јапонската помош го поттикнуваат нашиот економски и социјален развој: од реконструкција на училишта, подобрување на условите во медицински установи, па сѐ до поддршка за малите и средни претпријатија, зачувување на животната средина – сѐ се тоа области во кои јапонската помош силно придонесува во развојот на земјата“, истакна Османи.

За време на разговорите беа разгледани и можностите за унапредување на економската соработка и бизнис врските, при што Османи како особено значајна во овој дел ја оцени јапонската Иницијатива за соработка со земјите од Западен Балкан. Дополнително, министерот Османи информираше и за одржаната презентацијата на поволностите што земјава ги нуди за странски инвеститори, во рамки на ЏЕТРО бизнис форумот, како и претстојното учество на Македонија на ОСАКА ЕКСПО 2025.

„За нас е особено значајно зајакнувањето на економската соработка и бизнис врските со Јапонија. Имав одлична можност да ја промовирам бизнис климата во Северна Македонија пред голем број јапонски компании од автомобилската индустрија, енергетиката, ИТ секторот и други полиња, кои покажаа интерес за инвестирање во земјава“, подвлече Османи.

На средбата на двајцата министри беше упатена заедничка осуда на руската инвазија во Украина, што првенствено ја нарушува европската безбедносна архитектура, но истовремено подеднакво влијае и врз азискиот континент, Индо–Пацификот и врз целокупниот меѓународен поредок базиран на правила.

Османи се осврна на претстојните значајни јубилеи – 110 годишнината од раѓањето на Кензо Танге во 2023 година и 30 годишнината од воспоставувањето дипломатски односи во 2024 година, што претставуваат убава можност со пригодни заеднички настани да ги одбележиме досегашните достигнувања и успеси во билатералните односи меѓу двете земји.