Османи во Тирана на средби со државниот врв на Албанија


Шефот на дипломатијата Бујар Османи ќе престојува во посета на Тирана каде ќе се сретне со претседателот на Албанија, Илир Мета, со неговиот домаќин, министерот за европски и надворешни прашања Олта Џачка и со државниот министер за дијаспора Пандели Мајко, а ќе има средба и со претседателот на Демократската партија, Љуљзим Баша.

Како што соопшти МНР, се очекува на средбите да бидат разменети мислења околу состојбата со вкупната билатерална политичка и економската соработка, инфраструктурното и енергетско поврзување и други прашања од заеднички интерес за продлабочување на меѓусебните односи.

Посебен акцент ќе биде ставен на идните активности и меѓусебната координација на планот на европската интеграција на двете држави и очекувањата во текот на португалското претседавање во првата половина од оваа година.

Во таа насока ќе бидат разгледани можностите за унапредување и на регионалната соработка, стои во соопштението.