Османи во посета на Љубљана и Загреб, ќе има средби со Пахор, Логар, Пленковиќ и Радман


Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска патува во официјална посета на Љубљана, а во вторник продолжува во работна посета на Република Хрватска.

Османи утре ќе оствари средба со министерот за надворешни работи, Анже Логар. Во рамки на посетата на Словенија се  предвидени и средби со претседателот на државата Борут Пахор, како и со претседателот на словенечкиот парламент, Игор Зорчич.

Од Љубљана во вторник Османи директно патува во работна посета на Република Хрватска, каде покрај средбата со домаќинот, министерот за надворешни работи, Горан Грлиќ – Радман, ќе оствари средби и со премиерот, Андреј Пленковиќ, како и повеќе средби во рамките на хрватскиот парламент.

Како што соопшти МНР, посетата на шефот на дипломатијата на земјите од регионот се случува во пресрет на важните одлуки за европската перспектива на земјата, во очекување на усвојување на преговарачката рамка и одржувањето на првата Меѓувладина конференција со Европската Унија.

Фокус на средбите се очекува да биде европската интеграција на Република Северна Македонија, постигнатиот реформски напредок и одржувањето на добрососедските односи, реафирмирајќи ги притоа очекувањата за поддршка од страна на нашите пријатели за почеток на преговорите во рамките на Германското претседателство со ЕУ, до крајот на годината.

На средбите, најавуаат од МНР, се очекува да бидат отворени и темите од билатералната соработка, особено потенцијалите за унапредување на економска соработка, како и заедничкото, регионално справување со предизвиците од пандемијата Ковид 19.