Османи во посета на Финска, актуелниот претседавач со ЕУ


Фото: Б. Грданоски

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, од денеска е во работна посета на Финска, актуелниот претседавач со ЕУ. Османи ќе има средби со финската министерката за европски работи Тути Тупураинен и со министерот за надворешни работи Пека Хависто.

На средбите, како што соопшти СЕП, ќе се разговара за очекувањата и перспективите на Северна Македонија во претстојниот период, како и за активностите и поддршката од Хелсинки во рамките на финското Претседателство со Европската Унијата, а во контекст на претстојната одлука за почеток на преговорите во октомври оваа година.

Вицепремиерот Османи ќе се сретне и со претставници на Главниот комитет на финскиот Парламент, предводени од првиот заменик претседател на парламентот, Јани Макела.

Во агендата на Османи е и посета на Директоратот за автономија и еднаквост, при Министерството за правда на Финска, каде ќе има средбата со Тимо Маконен, директор на одделот, како и со Корина Таменма, висока претставничка за јазичните прашања. На средбата се очекува да бидат разменети искуствата за успешна имплементација и примена на двојазичноста во Финска, а ќе бидат разгледани можностите за соработка во оваа насока, со цел успешна имплементација на Законот за употреба на јазиците во Република Северна Македонија.