Османи во Париз по француска поддршка, се сретна со шефот на дипломатијата Ле Дријан


Остануваме посветени на реформите, на развојот на добрососедските односи и на унапредување на довербата со Бугарија. Ние се гледаме себеси како дел од ЕУ и тоа ќе го оствариме пред сѐ за да обезбедиме успешна иднина на нашите граѓани, но и како наш влог за успех на иднината на Европа, порача денеска во Париз министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Во рамки на посетата, Османи се сретна со неговиот француски колега Жан-Ив Ле Дријан со кого разговараше за европската перспектива на земјава, билатералната соработка, сојузништвото во НАТО, реформската агенда во земјава и регионалните предизвици.

„Франција е еден од главните мотори на Европската унија и силна европска земја и ние сме благодарни што денес ја реафирмиравме поддршката за нашите европски интеграции. Овие пријателски пораки ни се потребни затоа што без разлика на предизвиците, не сакаме да оставиме простор за разочараност“, изјави Османи.

Двајцата соговорници, како што информира МНР, разговарале и за европското досие на земјава во контекст на потребата од спроведување на одлуката на Советот на ЕУ во март минатата година.

„Секако дека претставува заедничка обврска да го зачуваме европскиот кредибилитет меѓу земјите од Западен Балкан затоа што не само нам, туку и на целиот континент му е потребен стабилен, просперитетен и европски регион. И тука најмногу сметаме на принципиелната поддршка од земјите-членки, сметаме на фер однос, сметаме на системот на заслуги. Сметам дека денес ги реафирмиравме овие принципилени позиции и со Франција“, истакна Османи.

Во насока на продлабочување на билатералната соработка, Османи и Ле Дријан потпишале три документи – Договор за основање на француска агенција за развој, Договор за филмска копродукција и Договор за прием на донација на пренослив систем за балистичка идентификација.

Во текот на денот, Османи ќе се сретне и со советниците на францускиот претседател Изабел Думон и Александар Адам, а ќе оствари средби и со сенаторката Марта Де Синдрак и со заменик генералниот директор на Француската агенција за развој Филип Бодуен.