Мас му рекол на Османи – проширувањето мора да продолжи
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска во Берлин се сретна со германскиот шеф на дипломатијата Хајко Мас и државниот министер за Европа, Михаел Рот и со нив разговараше за Самитот на ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, надминувањето на разликите со Бугарија како и најновите внатрешно–политички состојби во нашата земја.
„Факт е дека Берлин е најсилен предводник за европската перспектива и на Северна Македонија, како и на целиот регион. Имаме важен самит пред нас и поддршката од партнерите како Германија е неопходна, прво и за да ги надминеме разликите со Бугарија за да се одблокира процесот, но и да го вратиме европскиот кредибилитет во регионот, спротивставувајќи се со тоа и на скептицизмот во ЕУ“, истакнал Османи, како што соопшти МНР.
Министерот Мас на средбата истакнал дека е крајно време Европската унија да ја спроведе консензуалната одлука донесена во март 2020 година и да започне пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.
„Сакам да изразам целосна поддршка за словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, кое вети дека ќе стави крај на сегашниот ќор-сокак. Самитот во Брдо мора да испрати недвосмислена порака за остварливоста за пристапување на Западен Балкан. Политиката за проширување ќе добие голем кредибилитет со напредок во досието на Северна Македонија наскоро. Сакам да подвлечам дека постои силен консензус меѓу политичките партии во германскиот Бундестаг во однос на нашата континуирана поддршка за пристапниот пат кон Западен Балкан во ЕУ. Нашиот ангажман ќе продолжи низ и надвор од тековната фаза на транзиција и по формирање на новата влада“, рекол министерот Мас, се наведува во соопштението.
Средбата со државниот министер за Европа, Рот беше искористена да се реафирмира германската позиција за нашето европско досие, за актуелностите од регионален аспект, но и да се дискутира за следните чекори и реформи, потребни за деблокирање на проширувањето на ЕУ.
„Балканот, географски не е на европската периферија, а заради тоа не смее да биде ниту на периферијата на политичкото внимание. Нашата дипломатија е таргетирана и посветена на себевложување во градењето добрососедски релации, регионална соработка и реализација на визијата за видлива и достижна европска иднина“, нагласи Османи.