Османи: Владата нема моќ да ги затвори верските објекти


Вицепремиерот Бујар Османи за 24 Вести објасни дека ризикот од коронавирусот се уште не е поминат и дека ситуацијата може дополнително  да се искомплицира и граѓаните не смејат прерано да се опуштаат.

„Треба да се внимателни луѓето се додека ризикот не помине. Ризикот е уште тука. Најголемиот дел од граѓаните беа одговорни и како резултат на тоа, имаме подобри бројки. Последниот период има верување дека ризикот не е толку голем, гледаат реакции во светот, особено протести во Германија зад кои стојат политички моменти и  кои некои ги организира за одредена цел“ – потенцираше Османи.

Османи вели дека ситуацијата е релативно под контрола, но не смее сега да се потфрли и дека треба да се издржи ситуацијата. Тој очекува утре на лидерската средба за одредени сегменти кои се помалку ризични да се олесни функционирањето. Но, се зависи од ситуацијата и одлуката на Комисијата за заразни болести. Училиштата ќе останат  затворени до 10 јуни, а се води дебата за градинките. Отварањето на рестораните ќе почека, иако има дебата за отварање само на терасите.

Во врска со литијата во Струга и утрешното отварањето на џамиите, Османи истакна дека би бил среќен ако се кординираа верските заедници, но МПЦ и ИВЗ не се координирале со владата. Бил известен за одлуката на ИВЗ со порака по телефон.

„Проценив дека треба да соработуваме. Одлуката не може да се смени, според нив, а ако се влоши состојбата, поглаварот вели дека тогаш ќе разговараме. Ние гледаме денеска дека во Азија повторно се врати вирусот. Треба да се навикнеме на овој период на функционирање. Со мерките за олеснување сакаме да содадеме една нормалност, нови околности. Што ќе се случи ако оваа ситуација трае со години? Јас не ги оправдувам одлуките, сакам да покажам реалност, што може да направиме ние во вакви моменти да ја намалиме опасноста. Владата нема можност да ги истера верниците од објектите и  најлошото сценарио ќе беше ако полицијата ги растераше верниците во Струга. Не постои уставна можност државата да затвори верски објект но јас ќе ги охрабрам луѓето да не одат. Мој впечаток е дека во наредниот период ќе има зголемен број на заразени.“ – истакна Османи.

Османи истакна дека на утрешната лидерска средба најмногу ќе се разговара за пандемијата.