Османи-Вилмес: Заедничка е обврската да го задржиме европскиот кредибилитет на Балканот
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамки на работна посета на Кралството Белгија, имаше средба со својот домаќин, заменик-премиерот и министер за надворешни работи, европски работи и надворешна трговија и федерални културни институции на Кралството Белгија, Софи Вилмес.
На состанокот, како што соопшти МНР, беше разговарано за европската интеграција на Северна Македонија и перспективите за одржување на првата меѓувладина конференција, согласно одлуката на Советот на ЕУ за почеток на преговорите.
-Секако дека претставува заедничка обврска да го зачуваме европскиот кредибилитетот меѓу земјите од Западниот Балкан, затоа што не само нам, туку и на целиот континент му е потребен стабилен, просперитетен и европски регион. И тука најмногу сметаме на принципиелната поддршка на земјите-членки, сметаме на фер однос, сметаме на системот на заслуги, и сметам дека денес ги реафирмиравме овие принципиелни позиции и со Белгија, истакна Османи.
На средбата беше разговарано и за билатералните односи меѓу двете земји, за кои беше констатирано дека имаат стабилен и континуиран напредок.
Османи и Вилмес отворија и повеќе актуелни прашања од доменот на меѓународната и регионалната политика, како и темите поврзани со епидемиолошките состојби во двете земји и напорите за надминување на глобалната здравствена криза предизвикана од КОВИД19.
Посетата на Брисел на Османи продолжува со средби со претседателот на белгискиот Парламент Елиан Тилие и претседателот на Белгискиот Сенат Стефан Д’Хос, а во рамките на посетата Османи ќе оствари посета и на седиштето на НАТО, каде ќе се сретне и со генералниот секретар Јенс Столтенберг.