Османи утре во Украина во својство на претседавач со ОБСЕ, на агендата средби со државниот врв


Министерот за надворешни работи Бујар Османи во својство на претседавач со ОБСЕ утре повторно ќе престојува во работна посета на Украина.

Посетата на Украина, соопштија од МНР, е во рамки на остварувањето на една од главните заложби од Програмата на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година.

– За ОБСЕ, како најголема регионална безбедносна организација во светот, Украина и нејзиниот народ се на врвот на агендата, стои во соопштението.

Османи во Киев ќе оствари средби со државниот врв на Украина. Покрај средба, со министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба, Османи ќе одржи и заедничка прес-конференција. На агендата на Османи е и средба со претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук.

Во рамки на престојот во Украина, како што е најавено, Османи ќе оствари и неколку теренски посети за одблиску да се запознае со ситуацијата на терен, како и со потребите на граѓаните. Ќе го посети и Центарот за заштита на правата на децата, а ќе биде запознаен и со работата на единиците на Украинската служба за вонредни ситуации и процесот на деминирање на теренот.

– ОБСЕ Програмата за поддршка на Украина вклучува помош во повеќе области, како што се хуманитарно деминирање, промоција на владеење на правото и ублажување на последователните еколошки и економски влијанија од воената агресија на Русија против Украина. Украина беше првата земја која Османи ја посети на почетокот на неговиот мандат како Претседавач со ОБСЕ во јануари оваа година. Втората посета доаѓа како продолжение и потврда на заложбите на ОБСЕ за помош на Украина и ублажување на последиците за луѓето од погодените подрачја предизвикани од руската воена агресија во Украина, и на влијанијата од неа врз поширокиот регион на ОБСЕ, информираат од МНР.