Вјоса Османи: Србија ја водат геноцидни умови, слушнете што вели Дачиќ


Претседателката на Собранието на Косово Вјоса Османи вели дека во Србија ништо не е сменето од времето на војните во регионот и дека таа држава „и натаму ја водат геноцидни умови“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Нејзиното тврдење Османи го поткрепува со изјавата на министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ, дадена во завчерашното интервју за белградската телевизија „Хепи“, во кое тој им забележува на припадниците на српскиот народ „кои им поткажуваат на Албанците и Хрватите“ каде се гробовите на загинатите во војните што Србија ги водеше во тие земји.

– Што правиме ние со Србите? Со оние кои им поткажуваат на Албанците и Хрватите…, кои говорат разни глупости? Им кажуваат каде се погребани Албанците ширум Србија, вели Дачиќ во дел од интервјуто објавено на платформата „Јутјуб“.

Споделувајќи ја снимката со изјавата на Дачиќ на својата страница на Твитер, спикерката на косовскиот Парламент заклучува дека актуелното српско раководство воопшто не се разликува од она кое ја водеше земјата во минатото.