Османи: Срамен упад во ИВЗ


Вицепремиерот Бујар Османи смета дека тоа што се случи во Исламската верска заедница, по бурната вечер и обидот за разрешување на Реисот Сулејман Реџепи, е срамен упад во една верска заедница.

„Мојот став и ставот на ДУИ е дека беше скандалозен и срамен чин на упад врз уставно загарантираната автономија на верските заедници, во овој случај на Исламската верска заедница. Државата треба да ги преземе сите мерки за да ја гарантира оваа автономија на верските заедници вклучувајќи ја и Исламската верска заедница“, рече Османи во изјава на акцијата за чистење на Скопје.

Проблемот настана откако беше најавена промена на поглаварот на ИВЗ врз основа на судско решение.

Според судското решение, Скендер Бузаку од денеска треба да биде новиот поглавар на Исламската верска заедница, додека Мухамед Вејсели од ИВЗ, истакна дека Сулејман Реџепи и натаму ќе раководи со ИВЗ сѐ додека ја има довербата од Ријасетот.(Б.Б.)