Османи со државниот врв на Црна Гора: Блиските и партнерски односи да поттикнат и плодна економска соработка
Во рамки на официјалната посета на Подгорица и состанокот со својот црногорски колега, Ѓорѓе Радуловиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи оствари средби со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, првуит човек на црногорскиот Парламент, Алекса Бечиќ, премиерот Здравко Кривокапиќ, и со заменик-претседателот на Владата, Дритан Абазовиќ.
Како што информира МНР, на средбите беа нагласени блиските и партнерски односи меѓу двете земји, за кои беше потенцирано дека се без отворени прашања и, според соговорниците, овие политички односи треба да бидат поттик за богата и плодна економска соработка, за што постои интерес и потреба. МНР посочува дека акцент беше ставен и на соработката на двете земји сојузници во рамките на евроатлантските механизми за соработка и особено во процесот на интеграцијата во Европската Унија.
– Двете држави се залагаат за една заедничка цел, а тоа е вложување на посебни напори за брза имплементација на потребните реформи на патот на целосната интеграција во Унијата. На тој пат, би сакал да ја истакнам важната соработка со Црна Гора, и посебно да изразам огромна благодарност за нејзината цврста и безрезервна поддршка за нашите стратешки цели и определби, нагласи министерот Османи.
Шефот на дипломатијата, како што информира МНР, посочи дека членството на Северна Македонија и Црна Гора во Европската Унија ќе значи отворање нови перспективи за нашите земји и граѓани, како и консолидирање на европската перспектива на целиот регион.