Османи смета дека е „чист“ по одлуката на ДКСК за „Борис Трајковски“


Државна комисија за спречување на корупција (ДКСК ) и Јавното обвинителство за организиран криминал излегоа со конечен став за реконструкција на салата “ Борис Трајковски” за целите на Министерскиот совет на ОБСЕ. Според анализата на ДКСК, тендерската документација, условите кој се може да учествува како понудувач, не упатувале дека постои тенденција за фаворизирање одредена фирма или дека условите се креирани за одреден економски оператор. За ова, како што рекоа, говори и фактот што четири економски оператoри доставиле понуда, но и откако Државната комисија за жалби по јавни набавки одлучувала, ги оцениле доставените понуди и како најповолна останала понудата на „Еуровиа“.

 

Но, како што беше речено на седницата, се потврдиле наводите дека дел од средствата што ги добива „Еуровиа“ и од кај други државни органи се префрлени на ДУИ.

– Во случајов станува збор за правно лице кое е донатор на партијата. Законот за финансирање на политичките партии го уредува начинот, односно висината на донациите. Факт е дека во претходната постапка утврдивме повисок износ на донации, но Законот за финансирање политички партии предвидува дека фирма која има склучено договор со државни органи не може да биде донатор на политичка партија. Во случајов, тоа е занемарено уште повеќе со фактот што постои капитална поврзаност меѓу фирмите што го добиваат договорот за реконструкција на салата со фирмата која упатува донации во корист на ДУИ, наведоа од ДКСК.

Овие соменевања, како што рекоа, ги потврдиле преку изводите на капитално поврзаните фирми кои ги обезбедиле од деловните банки каде имаат отворено трансакциски сметки и се гледа како средствата што се добиени од „Еуровиа“ преку разни трансфери од една на друга сметка завршуават на сметка на ДУИ.

До УЈП ќе биде доставено барање за даночно постапување и проверка на даночните биланси на „Еуровиа“ и „Еуровиа холдинг“, нивните консолидирани годишни сметки поради трансфер на средства како позајмици од една на друга сметка и нивна уплата како донација на ДУИ, а со цел утврдување дали постои даночна евазија и дали тоа е согласно Законот за добивка и Законот за ДДВ. До Управата за финансиска полиција, пак, ќе се достави известување со барање за надлежно постапување и испитување на текот на парите не само во овој туку и во други случаи.

До Министерството за финансии ќе биде испратено укажување за потребата од донесување нов закон за финансирање на политички партии, како што беше речено на седницата, е наметнато од бројните проблеми, недоречености и слабости, како во Изборниот законик, така и во актуелниот Закон, а за чие усогалсување и изменување укажува и ОБСЕ/ОДИХР.

Министерот Османи ваквата одлука на МНР ја протолкува како чистење на образот од обвинувањата дека го наместил тендерот на „Борис Трајковски“: 

 
„За да го организираме Министерскиот совет на ОБСЕ, го приспособивме нашиот спортски центар “ Борис Трајковски”, проект што бараше значителни напори и инвестиции.Овој процес за жал нѐ обремени со многу обвинувања, поттикнувајќи нѐ да ја бараме правдата и вистината.
 
Изборот на компанијата за приспособување на спортскиот центар, иако критикуван и обележан со обвинувања за фаворизирање, на мое барање беше темелно испитан од нашите правни институции – Јавното обвинителство и ДКСК. Заклучокот стигна од двете институции и тој е јасен и недвосмислен: процесот беше во согласност со нашите закони, испочитувани се највисоките стандарди за фер оценување и без корупција.
 
Во текот на овој период, се соочив со бура од негативни реакции и неосновани обвинувања. Не само што мојот интегритет беше ставен под сомнение, туку овој настан фрли сенка врз меѓународниот имиџ на нашата земја.Сепак, избрав транспарентност пред молк, одговорност пред одбрана: доброволно ги предадов сите релевантни документи на Обвинителството и Комисијата за антикорупција, уверен во интегритетот на Комисијата при МНР, како и во мојот сопствен.
 
Денес, откако двете институции ја потврдија законитоста и чесноста на тендерската процедура, се чувстувам повикан тоа да го објавам. Патот до овој момент беше исполнет со непотребен стрес и неосновано сомневање, но тој пат заврши. Непрекинатите напади што ги трпев не беа само против мене, туку беа напади врз вредностите на државата и принципите на нашата демократија. Го споделувам ова не за да барам сочувство, туку за да ја потврдам силата на нашите институции и отпорноста на вистината.
 
Им благодарам на сите кои стоеја покрај мене, вашата верба и поддршка беа важни низ овој процес. На оние кои се сомневаа, не ги држам за зло, бидејќи скептицизмот е витален елемент на здравата демократија…“, порача Османи.