(ВИДЕО) Османи се сретна со Блинкен: САД и Македонија отвораат ново поглавје во односите
Двајцата министри разговарале за безбедносната ситуација во Европа по руската инвазија на Украина и американската поддршка за преговорите на Македонија со ЕУ
Врв на денешниот Стратешки дијалог меѓу САД и Македонија е средбата на државниот секретар Ентони Блинкен и министерот за надворешни работи Бујар Османи. На средбата беше нагласено дека Стратешкиот дијалог претставува нов исчекор во билатералните односи и надградба на стратешкото партнерство меѓу двете земји, соопшти МНР.
„Нам ни претставува посебна чест што Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан која одржува стратешки дијалог со САД, значаен процес преку кој се продлабочува нашето стратешко партнерство и поконкретно се врамува нашата билатералната соработка. Ваквиот исчекор во билатералните односи е уште една потврда за силното пријателство и взаемниот интерес за зајакнување на сојузништвото меѓу двете земји“, истакна Османи.
На средбата стана збор и за актуелните безбедносни состојби, при што беше изразена заедничка осуда на руската воена инвазија, како и силна поддршка и солидарност со Украина. Воедно, беше нагласено дека актуелните состојби налагаат нова динамика во евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, со што ќе се потврди кредибилноста на ЕУ и ќе се охрабрат процесите за надминување на разликите и помирување во регионот.
„Процесот на проширување на ЕУ претставува безбедносно прашање, а европските перспективи на земјите од Западниот Балкан, и кредибилитетот на овој процес, од суштинска важност за регионалната и европската стабилност. Благодарни сме за силната американска поддршка за што поскоро започнување на процесот на преговори на Северна Македонија, што во моментов преставува и најдобриот начин да се зачува кредибилитетот на овие процеси, нагласи Османи.
Во Вашингтон заврши првиот дел од Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД во кој досега се одржаа неколку сесии на кои беа отворени темите од интерес за соработка меѓу двете земји.
Претходно, на почетокот од Стратешкиот дијалог воведни обраќања имаа шефовите на делегациите, Бујар Османи и Карен Донфрид, по што се одржаа панелите за регионалните иницијативи, поврзувањето на граѓаните, безбедноста и одбраната, како и панелот за енергетика и животна средина. Соодветно на темите и областите кои ги покриваат панелите, покрај министерот Османи, свои излагања имаа и министрите за одбрана Славјанка Петровска, за економија Крешник Бектеши и за култура Бисера Костадиновска–Стојчевска.
Во рамките на дијалогот беше направен преглед на состојбите и напредокот на земјата по сите теми, како и улогата и поддршката која САД ја обезбедуваат во сите области од взаемен интерес. Беа усогласени голем број теми, кои по завршувањето на дијалогот ќе станат дел од заедничката декларација меѓу Северна Македонија и САД.
„Посебна чест денешна средба со Државниот секретар на САД, Ентони Блинке. Особена благодарност за одличниот Стратешки дијалог кој денес се одвива во Вашингтон под покровителство на Стејт департментот. Стратешкото партнерство меѓу двете земји влегува во нова, подинамична фаза на пријателство, а билатералните односи добиваат нова, попрецизна рамка за нивен натамошен развој. САД недвосмислено застануваат во поддршка на европските интеграции на Северна Македонија како важен влог во стабилноста и напредокот на целиот регион. Како НАТО сојузници ги делиме современите демократски принципи и вредности, и во целост ја осудуваме воената агресија на Русија врз Украина“, напиша на својот профил на Фејсбук министерот Османи по средбата со Блинкен.
Во вториот дел од дијалогот се одржаа панелите за владеење на правото и добро владеење, трговија и инвестиции. Покрај присутните министри, преку видео конференциска врска се вклучи и вицпремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска.