Oсмани се сретна со Бербок


 Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Берлин оствари средба со сојузниот министер за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Аналена Бербок.

Како што соопшти МНР, Османи и Бербок на средбата изразија задоволство од високото ниво на политички дијалог и партнерските односи кои Северна Македонија и Германија ги воспоставија во изминатите 30 години дипломатски односи заклучувајќи дека соработката и партнерството ги карактеризира три децении поддршка, соработка и градење мостови меѓу двете држави и народи.

– Особено го цениме фактот што Германија е наш најважен партнер во политичка и економска смисла, особено кога се работи за прашањата за нашето политичко интегрирање во европските и евроатлантските организации. Северна Македонија останува кредибилен партнер во регионот, и од аспект на НАТО присуството на Балканот, како земја членка, и од аспект на заштитник и промотор на европскиот кредибилитет во регионот,  истакна Османи.

Шефот на дипломатијата изрази благодарност за силниот интерес на Германија и канцеларот Олаф Шолц да го ревитализира Берлинскиот процес како значајна алатка која ги поддржува евроинтеграциските процеси на Северна Македонија и земјите од Западен Балкан со цел нивно поскоро приклучување кон Унијата, но и за заедничко адресирање на актуелните предизвици со кои се соочува европскиот континент.

-Министерката Бербок потврди дека поддршката од Германија за европското досие на Северна Македонија ќе продолжи и во иднина со несмалено темпо, изразувајќи задоволство од историскиот исчекор кој го постигна Северна Македонија за отпочнување на пристапните преговори годинава, наведува МНР.

Теми на разговор меѓу двајцата министри беа и безбедносните прашања, руската инвазија врз Украина и последиците со кои се соочуваат европските земји. Тие ја истакнаа важноста на НАТО за зачувување на европската и светска  безбедност.

-Во овој контекст,  министерката Бербок упати благодарност, потенцирајќи ја улогата на Северна Македонија како одговорен и кредибилен партнер на Европската Унија во одговор на кризата и 100 отсто усогласеност со санкциите на ЕУ кон Русија, информира Министерството за надворешни работи. 

На средбата се дискутираше и за претстојното претседавање на нашата земја со ОБСЕ во 2023 година и можностите за идна соработка во овој контекст.