Османи се пазари со Лавров, да дојде за да поминат важните одлуки


Шефот на дипломатијата Бујар Османи изрази надеж дека сите министри ќе бидат присутни на конференцијата на ОБСЕ што ќе се одржи на 30 ноември и 1 декември во Скопје, со цел, како што рече, да се донесат важни одлуки за опстанокот на ОБСЕ.

– Јас се надевам дека ќе успееме да бидеме сите присутни со цел да можеме да донесеме важни одлуки за опстанокот на ОБСЕ. Се разбира дека присуството на министрите не се во билатерална смисла, туку се во мултилатерален контекст и Северна Македонија како претседавач на ОБСЕ мислам дека треба да обезбеди услови да бидат присутни, рече Османи, одговарајќи на новинарски прашања пред отворањето на конференцијата за млади на тема „Младински иновации и претприемништво: создавање одржлива иднина во регионот на ОБСЕ“.  

Во однос на тоа дека на 4 декември истекува мандатот на генералниот секретар на ОБСЕ и на уште неколку други високи позиции во ОБСЕ и што доколку не се најдат личности што ќе ги заменат, Османи рече дека ако една земја е против, не може да се добие консензус за одлуките.

– Во 2020 имавме една таква ситуација кога не можеше да се постигне консензус бидејќи секоја одлука – генерален секретар, директор на ОДИХР и висок претставник за малцинство и за слобода на медиуми мора да ги добие сите 57 гласа, една земја да е против не може да се добие консензус. На крај се договори пакет, тоа е актуелниот пакет и затоа и истекува во ист ден, бидејќи сите беа именувани во ист ден, а мандатот им трае три години. Бидејќи сега поради руската агресија врз Украина нивото на доверба е на нула и не може да се постигне ниту една одлука, ние предложивме едно друго решение. Да се продолжи технички мандатот уште една година на актуелната четворка додека не се сменат динамиките во ОБСЕ, да се врати довербата па после да го отвориме конкурсот, рече Османи.

Рече дека како претседавачи досега требало да отвориме конкурс за да се пријават кандидати, со цел да ги избереме до 4 декември.

-Меѓутоа, очекувајќи дека нема да постигнеме консензус, затоа уште не сме решиле да го објавиме конкурсот, туку се обидуваме да постигнеме консензус за продолжување на мандатот за уште една година. Засега, Руската Федерација се уште се противи. Скоро добив писмо во кое што тие бараат да се објави конкурсот за да се кандидираат, меѓутоа знаејќи ги динамиките сум сигурен дека во моментов не сме спремни за консензус и затоа ќе притиснам до последен момент да обезбедиме едногодишно продолжување на мандатот, рече Османи.

Тој рече дека сакале „да процесуираат процес на рефлексија околу ОБСЕ“, бидејќи светот е сменет.

-Ние сакавме да процесуираме и процес на рефлексија околу ОБСЕ бидејќи и во 2025 година одбележуваме 55 години од Хелсиншкиот финален акт. Светот е сменет, целите на ОБСЕ на некој начин се постигнати, Берлинскиот ѕид немаше да падне доколку не беше третата димензија на ОБСЕ која што го поттикна демократскиот развој, слободата на медиумите, слободата на здружување на говор. Меѓутоа, во овие услови на немање доверба навистина тешко е да се отвори таков процес на рефлексија. Има земји членки што сметаат дека убавината на ОБСЕ е токму во консензусот затоа што е платформа меѓу Истокот и Западот и доколку едната страна доминира, тогаш ја губи смислата за разговор и дијалог помеѓу двата условно речени блокови коишто тогаш до 1989 година беа присутни кога беше основана ОБСЕ. Така што, во овие услови ние не можеме да го менуваме тоа правило, рече Османи.