Османи: Само ДУИ може да нè смени


Фото: Б. Грданоски

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во емисијата „200“ на Алсат телевизија, во врска со најавената „метла“ на премиерот Зоран Заев истакна дека за смена на кадрите на ДУИ кои се дел од владата може да одлучуваат само Али Ахмети и партијата.

Водителот се надоврзува на ова и го праша вицепремиерот дали е ова дуалност, паралелност, бидејќи премиерот е сепак шеф од организациски аспект за тоа како функционира Владата на што Османи вели дека нема ништо чудно во тоа имајќи предвид дека Владата била политичка, а не експертска.

– Нема тука ништо чудно. Владата е политичка, не е експертска, ја сочинуваат партиите од коалицијата. Секоја партија има свои форуми каде што се предлагаат кадрите кои ќе раководат со институциите. Јас сум избран во претседателството на ДУИ и сум предложен кај премиерот да ме предложи во Собрание. Според ова, премиерот има можност само да побара од Али Ахмети да биде сменет некој функционер на ДУИ и тоа да се потврди во претседателството на ДУИ, па дури и Али Ахмети треба да ја потврди таквата одлука во раководството на ДУИ – рече Османи.

Тој најави дека веднаш, уште вчера, ќе биде договорен состанокот меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ Али Ахмети, околу најавената реконструкција. Посочи дека во првите две години од оваа влада доминантна беше надворешната политика, а сега во втората половина од мандатот во фокусот ќе биде економијата.

– Тука ќе требаат дополнителни зајакнувања на човечките капацитети, со цел да се испорачаат резултати во тој дел. Не можеше пред да се затворат политичките теми да се испорачаат економски резултати, бидејќи во услови на меѓународна изолација во еден глобален свет, тешко е една мала држава како Северна Македонија, да може да биде дел од позитивните економски текови – оцени тој.