Османи: Разликите за изборите не се големи, очекувам да најдеме заеднички јазик


Фото: Б. Грданоски

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, во интервју за „Независен“ оцени дека разликите меѓу партиите за датумот за одржување на изборите не се големи и тој очекува да се најде заеднички јазик.

Според него, ќе биде многу штетно за државата, среде пандемија и економска криза произлезена од неа, да се соочи и со политичка криза. Став на ДУИ е дека 5 јули е добар датум за избори иако за нив е прифатлив секој датум „од денес до декември“ кога се редовните избори. По 5 јули, оцени Османи, условите за избори ќе бидат отежнати, бидејќи ќе се отворат границите и луѓето ќе заминат на одмори.

Запрашан дали ни се заканува политичка криза или сме блиску до говорот за датумот на избори, Османи одговори:

„Најмалку што би посакале сега, и ние и граѓаните, е нова политичка криза и нови препукувања меѓу партиите во услови на пандемија. Мислам дека тоа би било најомразеното нешто за граѓаните доколку видат дека сега, кога е најважна сплотеноста на сите за да излеземе од здравствената и економската криза, ние политичарите да покажуваме ниско ниво на свест и да се закопуваме во партиските ровови и интереси. Кој и да го прави ова ќе изгуби во очите на граѓаните. Затоа сметам дека ниту една политичка партија нема да оди до својот екстрем, да предизвика политичка криза во овие услови. Разликите за датумот не се многу големи“.

Околу тоа дали 5 јули е во игра како датум за избори Османи одговори потврдно:

„Мислам дека 5 јули не е лош датум и дека е датум околу кој може да се сретнеме сите партии. Ако ме прашање како ДУИ, ние не спориме ниту еден датум, од утре па до декември, кога е редовниот термин. Но сметаме дека по 5 јули и до септември ќе има отежнати околности за одржување на избори. Така што очекувам да постигнеме договор околу овој датум. По 5 јули доаѓа летото, луѓето нема да бидат тука ако се отворат границите, ќе ги користат одморите. ДУИ нема да се спротивстави на ниту еден термин“.

На прашањето има ли шанси оваа недела да се постигне договор, бидејќи роковите газат, Османи вели:

„Немаме покана за лидерска средба. Комуницираме, партиите, секоја со секоја и ги кажуваме ставовите. Нашиот став е дека е многу важно да има консензус, бидејќи нова политичка криза ќе биде многу штетна за државата и за граѓаните. Бидејќи разликите не се многу големи, јас очекувам дека ќе најдеме заеднички јазик околу овие теми“, оцени Османи во интервјуто за „Независен“, што во целост ќе го објавиме подоцна. (С.Ј.)