Османи разговараше со Ескобар, очекуваат јасна осуда од страна на Кина


Фото: Б. Грданоски

 

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари телефонски разговор со Габриел Ескобар, заменик-помошник државен секретар и специјален претставник на САД за Западен Балкан, во кој остро ја осудиле руската инвазија на Украина и дале поддршка за територијалниот интегритет на земјата.

МНР соопштува дека во рамки на разговорот, „беше поздравена светската осуда на воената инвазија, при што беше забележано дека недостасува соодветна реакција од страна на НР Кина со јасна осуда за руската агресија. Во таа смисла, беше истакната потребата од заеднички глобален повик до Русија за прекин на воените активности што претставуваат закана за европската и целокупната меѓународна безбедност“.

Османи упатил благодарност до американската страна за континуираната поддршка за стратешките цели на Северна Македонија, како и целокупниот придонес за стабилноста и демократскиот развој на Западен Балкан и ја нагласил потребата за зајакнато американско присуство во нашиот регион како силна гаранција за регионалната и европската безбедност.

Соговорниците ги поздравија билатералните односи меѓу САД и Северна Македонија базирани на стратешко партнерство и традиционално пријателство.