Османи: Протерувањето на нашиот дипломат од Русија е неоправдано
Министерот за надворешни работи Бујар Османи жали за одлуката на Русија да протера македонски дипломат и смета дека таа е неоправдана. Овој потег на Русија, за Османи е само возвраќање на претходното протерување руски дипломат од Северна Македонија.
– Жалам за неоправданата одлука на Министерството за надворешни работи на Русија, ова е само возвратна политичка одлука. Ова несомнено ќе влијае негативно на билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Руската Федерација, напиша Османи на „Твитер“.
На 18 мај од Република Северна Македонија беше протеран руски дипломат, по што Русија најави реципрочни мерки.
Руското МНР денеска соопшти дека ја повикале в.д. амбасадорката на Северна Македонија за да ѝ врачат нота со која еден од вработените во Македонската амбасада во Москва го прогласуваат за персона нон грата.