Османи предлага ковид коoрдинатор во сите фирми


Фото: Б. Грданоски

Отворање на нова позиција на ковид координатор во секоја институција и во секоја компанија. Тоа го препорача денеска од Штип координаторот на Општинските кризни штабови, Бујар Османи. Вицепремиерот смета дека оваа болест и епидемија ќе трае и за да се заштитиме од економски загуби, најдобро е да се обезбеди човек, кој ќе се грижи за спроведувањето на протоколите и кој ќе води грижа да не дојде до невнимание и ширење на корона вирусот.

– Ковид координаторот ќе има единствена задача да ги применува протоколите. Доколку ова се воведе, во институциите, и приватни и државни, значително ќе можат да се заштитат вработените и компаниите од економските загуби – рече Османи.

Тој се пожали на манипулаторите кои шират лажни вести и кои ја искористија, како што рече, психичката замореност на граѓаните, а кои сега за жал, се запознаваат со вирусот преку најлошата страна, загубата на најблиските. Османи рече дека е време за драстични мерки.

– На денешниот состанок е разговарано за реактивирање на локалните кризни штабови по урбаните и месните заедници, со ангажирање на локални авторитети, политички, општествени, верски, полициски, во специјалната војна што се води во услови на епидемија – изјави Османи, кој ги повика граѓаните сами да се ангажираат за лична заштита и заштита на својот дом и семејства.

Тој оцени дека личната заштита и локалните мерки се замена за полицискиот час и карантин. Сепак, на новинарско прашање кој ќе ги надомести економските загуби од неработењето на компаниите, Османи не одговори директно, туку ги посочи владините економски мерки.

Во однос на протоколите за одржување на изборите, вицепремиерот рече дека се изработени од Комсијата за заразни болести, доставени до претседателот Стево Пендаровски, кој го поделил документот на политичките партии.