Османи: Постигнат е консензус во ЕУ за почеток на преговори


Постигнат е консензус во ЕУ за одлука за почнување преговори со Република Северна Македонија – безусловна и со барање за одржување на првата меѓувладина конференција веднаш по одобрување на преговарачакта рамка, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Одлуката, посочи Османи, очекуваме денеска да се потврди, а понатаму на 24 март да се официјалира од страна на министрите за Европа и за надворешни работи на ГАК и потоа на самитот на лидерите на ЕУ предвиден за 26 март во вид на видео-конференција.

– Ова е исклучително добра вест, не само затоа што претставува постигнување на консензус од сите 27 земји членки по сите разлики кои постоеја во последните 15 години и навистина претставува историски момент за државата. Сепак, денеска и во наредните денови треба истата и формално да се потврди, изјави Османи.
Позитивната вест од Брисел, како што информира Османи доаѓа по средбата на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ на која било разговарано и за проширувањето.