Билатералните и историските прашања не треба да бидат дел од преговорите со ЕУ, вели Австрија

Австрија е многу разочарана што не беше постигнат договор за почнување на преговорите со Северна Македонија, бидејќи наш став е дека билатералните и историските прашања треба да бидат оставени надвор од процесот на преговори. Северна Македонија направи сѐ што беше потребно за почеток на преговорите и мислам дека би било фер што поскоро да се случи“, порача министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг по средбата што во Виена ја имаше со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

Ние, рече тој, сме многу разочарани што не постигнавме договор за почеток на преговорите до крајот на оваа година со Северна Македонија и Албанија.

„Од наша гледна точка, моја гледна точка тоа беше неопходно да се направи. Да бидам јасен, нашиот став е дека билатералните и историските прашања треба да останат надвор од преговарачкиот процес. Вие добро рековте дека процесот на проширување на ЕУ е процес на европеизација, а не на билатерализација и тоа така треба да биде. Ова беше нашата позиција и за прашањето за името со Грција додека тоа беше на агендата“, рече Шаленберг.

Тој истакна дека Северна Македонија е земја модел што се однесува до процесот на пристапни преговори. Сѐ направивте добро, рече тој, и додаде оти затоа е на став дека би било фер што поскоро да се отворат преговорите со ЕУ.

„Може да сметате на австриската поддршка што се однесува до ова прашање, бидејќи Западен Балкан е дел од нашата безбедносна, културна и економска политика. Ние не сакаме во иднина на југот на мапата на ЕУ да гледаме празен простор“, рече австрискиот министер.

„Нема сомневање дека ние сме подготвени за почеток на преговори за членство со ЕУ и нема сомневање дека било какво одложување за почеток на прегворите е голема грешка“, изјави од своја страна Бујар Османи.

Тој се заблагодари за континуираната и безрезервна поддршка на Австрија во полза на европската перспектива на Северна Македонија, вклучително и започнување на преговорите за членство во ЕУ без никакво одложување.

„Австрија е еден од нашите најблиски поддржувачи и економски партнери, како и константен и гласен поддржувач на проширувањето на ЕУ. Австрија силно се залагаше Северна Македонија да ја одржи меѓувладината конференција до крајот на годината“, рече Османи.

„Оваа моја посета денеска претставува заокружување на една мини-турнеја по земјите членки на ЕУ кои се непосредни соседи на Балканот и кои поради тоа претставуваат и нашите најдиректни, во најмала рака, најблиски поддржувачи во процесот на европското интегрирање. Тоа е логично затоа што стабилноста, развојот, напредокот на Балканот е од директен интерес за соседите на регионот, меѓу кои е секако и Република Австрија. Kако непосредни соседи, земјите од окружувањето имаат и најдобар увид, најголеми познавања за состојбите во регионот, што секако ја прави нивната поддршка и нивното мислење уште позначајно“, истакна Османи.