Османи: Оваа година почнуваме преговори за влез во ЕУ

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска од паркингот на Скопско Кале на симболичен начин – поаѓајќи со автобус го означи почетокот на новото поглавје на европските интеграции на Република Северна Македонија. Османи е дециден дека оваа година почнува преговори иако не се знае дали тоа ќе биде на јунско-јулските самити или потоа и ги повика граѓаните да бидат оптимисти и горди на тоа што сме го постигнале а што е нотирано во Извештајот на Европската комисија.

-Имаме право да бидеме горди затоа што ги отстранивме сите пречки, ги создадовме сите услови, и како што е прецизно наведено во Извештајот на Европската комисија, создадовме држава подготвена за старт на преговорите, истакна Османи.

Вицепремиерот потенцира дека тргнавме во втората фаза и од тоа нема веќе назад. Процесот, според него, ќе има угорнини и надолнини, но ќе значи и трансформација на општеството. Позицијата на Северна Македонија е датумот за почеток на преговорите да го добиеме на јунско-јулските самити.

-Битно е дека оваа година почнуваме преговори, тоа е константа. Сега моментот на донесување на одлуката за првиот состанок дали ќе биде на јунско – јулските самити или веднаш по летото. Ние инсистираме на јунско-јулските самити не прецизирајќи јуни или јули бидејќи после летото постојат многу непредвидливи моменти. Брегзит е закажан за октомври, изборите во Грција, нова Европска комисија ја превзема функцијата на 1 ноември… Нашето инсистирање е да го гарантираме во јунско-јулските самити, рече Османи.

Во последниот период има интензивирање на дипломатските активности за Република Северна Македонија да добие почеток на преговорите, за што вицепремиерот вели дека се прават серија напори кои сега се поткрепени со новиот Извештај на Европската комисија оценувајќи го како објективен и прецизен. Османи и Димитров синоќа се вратија од Брисел, а претходно тој беше на разговори во неколку европски престолнини.

-Правиме серија напори сега веќе вооружени со новиот извештај на Европската комисија, кој е микроскопски и милиметарски прецизен и објективен и тоа што го кажува е дека сме светол пример кој заслужува започнување на преговори веднаш. Од сите тие посети консензуален е ставот на сите земји членки, дури и на најголемите скептици дека Република Северна Македонија се издвојува од регионот. Гледајте ги оценки за секој од параметрите, ние сме пред дури и од земјите кои веќе преговараат, рече Османи.

Од тоа што го слушаме и знаеме, повтори тој, фиксен е ставот дека оваа година почнуваме преговори. Сепак, дилемата е кога ќе се донесе одлуката за започнување на преговори во јуни или во јули.

-Има технички проблеми во смисла на тоа дека Бундестагот има само еден ден за разгледување на Извештајот и донесување на одлука до суштински дали ќе се разгледуваме во пакет или поединечно со други земји во регионот, појасни вицепремиерот.

Повикувајќи се на принципот „регата“ на поединечно проценување на успесите на секоја од земјите, воспоставен уште во 2003 година на солунскиот самит, смета дека случајот со Република Северна Македонија не може да остави никого индиферентен.

-Принципот регата значи дека секоја земја се придвижува со брзината којашто самата ќе си ја наметне. Секоја земја си има свое портфолио, ние би биле најсреќни кога и двете земји би добиле датум за преговори, но апсолутно сметам дека нашата приказна, нашите успеси, нашите параметри се толку силни и моќни што не можат да ги остават индиферентни ниту најголемите скептици, истакна Османи.

Во брендираниот автобус заедно со Османи беа и повеќе студенти од државни универзитети кои идната недела ќе престојуваат во студентска посета на Брисел и притоа ќе ги посетат европските институции и одблиску ќе се запознаат со нивната работа.