Османи: Отворивме важни прашања за иднината на пристапниот процес со земјите од регионот


Процесот на проширување на ЕУ и последните случувања поврзани со последните Самити на ЕУ беше централна тема на годишниот состанок на министрите за надворешни работи од земјите од Вишеградската група (В4) и земјите од Западен Балкан (ЗБ6) во Познан, во рамките на полското претседавање со В4, на кој учествуваше и шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Како што соопшти МНР, во присуство на специјалниот претставник на ЕУ за регионалните прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак и на министерот за надворешни работи на Хрватска, беа отворени прашања за иднината на пристапниот процес со земјите од регионот како двонасочен процес што подразбира исполнувања од двете страни, како и одразот на сите овие прашања врз кредибилитетот и интегритетот на ЕУ во регионот и глобално.

Османи упати благодарност до претстојното словенечко претседателство за нивните планови и приоритети во однос на Западниот Балкан, но и за напорите на португалското претседателство за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија.

– Земјата во изминатите години вложи исклучителни напори за да го отвори преговарачкиот процес; соодветно, секое одложување на овој старт создава одредени фрустрации и недоверба кон процесот на проширување. Но и покрај овие предизвици, ние не само што не се откажуваме од сопствената европска иднина, туку продолжуваме и со активен ангажман во надминување на недоразбирањата со нашиот сосед, како и со нашиот активен ангажман во заштита и промоција на европскиот кредибилитет во регионот, истакна Османи.

Министрите, се додава во соопштението, без исклучок испратија силна порака да се продолжи со напорите за донесување на неопходните одлуки во рамките на словенечкото претседателство до крајот на годината, ја нагласија важноста од продолжување на процесот на проширување како стратешка цел на ЕУ и ја истакнаа важноста на преговарачкиот процес за внатрешните реформи на земјите, како и за севкупна позитивна трансформација на регионот.

На состанокот голем дел од разговорите меѓу министрите беше посветен и на регионалната соработка во контекст на економското заздравување на регионот, продлабочувањето на соработката во областите на заедничкиот регионален пазар, дигитализацијата, зелената агенда, како области со голем потенцијал за економско заживување на регионот.

Османи се заблагодари на поддршката што Вишеградската група ја дава на регионот, која е изразена преку голем број конкретни проекти. Во тој контекст се осврна на годинешното претседавање на Северна Македонија со Фондот за Западен Балкан, чија работа во голем дел е поддржана од Меѓународниот Вишеградски фонд и В4 групата. Тој ги изложи приоритетите на претседавањето на земјата со Фондот кои се однесуваат на негов натамошен раст, зголемена проектна активност и јакнење на регионалната сопственост врз неговата работа, стои во соопштението од МНР.