Османи од Узбекистан ја почнува посетата на Централна Азија како претседавач со ОБСЕ


Фото: Б. Грданоски

Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи од утре ја почнува својата посета на Централна Азија. Како што информира Министерството за надворешни работи, во рамки на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, дел од агендата на Османи е посета на Узбекистан и на Казахстан.

-Посета на Централна Азија, Османи ќе ја започне од Ташкент, Узбекистан, каде што ќе оствари средби со државниот врв. Предвидени се средби со претседателот Шавкат Мирзијоев. Покрај средба, Османи со министерот за надворешни работи на Узбекистан, Бахтијор Саидов,  ќе има и заедничка прес-конференција. Османи во Ташкент ќе се сретне и со претставници на ОБСЕ Канцеларијата на проектниот координатор во Узбекистан, соопшти МНР.

Според програмата, во Ташкент Османи ќе има средба и со Танзила Нарбаева, која претседава со Сенатот на Узбекистан, како и со претставници на граѓанското општество. 

Од Узбекистан Османи ќе патува во Казахстан каде што, исто така, ќе има средби со официјалните претставници на државата, а ќе ја посети и Програмската канцеларија на ОБСЕ во Астана за, како што наведува МНР, одблиску да се запознае со активностите и проектите што ОБСЕ ги спроведува во Казахстан.

Османи ќе се сретне со Касим Јомарт Токајев, претседател на Казахстан, а со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Казахстан, Мурат Нуртлеу, ќе имаат и заедничка прес-конференција. Османи во Астана ќе има средба и со претставници на граѓанските организации.

-Регионот на Ценатрална Азија претставува  еден од приоритетите во работата на ОБСЕ, кој се соочува со постојани предизвици, сега засилени и со влијанието од воената агресија од  Руската Федерација против Украина, како и од состојбата во Авганистан. Посетата на Централна Азија претставува реализирање на еден од приоритетите на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023, како и работата на сите теренски мисии на ОБСЕ и поддршка на нивната програмска и проектна соработка со земјите во ЦА, наведува МНР.