Османи: Очекуваме да продолжи грчката поддршка за усогласување на рамката за ЕУ
Во последните месеци додека се разговараше за усогласување на преговарачката рамка и за почетокот на преговорите имаше принципиелна поддршка од Грција и грчката позиција беше јасна дека Република Северна Македонија треба да ја одржи првата меѓувладина конференција и треба да се прифати рамката таква каква што е предложена од страна на Комисијата и тоа мислам дека е важно и очекуваме дека таа поддршка ќе продолжи и понатаму сега во оваа фаза кога работиме за да се усогласи рамката, вели министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи за МИА.
Османи во Атина беше и пред четири месеци, но тогаш како дел од владината делегација предводена од премиерот Зоран Заев за време на учеството на конференцијата на „Економист“. Вчера, пак, ја оствари првата официјална посета на Грција и по средбите со грчкиот државен врв, а кусо пред враќањето за Скопје, во разговор со дописничката на МИА од Атина, Сања Ристовска, говори за пораките од Грција, за поддршката од јужниот сосед на нашиот пат кон Европската Унија, за вакцината против Ковид-19, но и за моменталната ситуација во разговорите со Бугарија.
На вчерашните средби и двете страни изразиле подготвеност и се согласиле дека втората меѓувладина седница, односно Советот за соработка на високо ниво предводен од премиерите на двете земји треба да се одржи што е можно побргу.
Шефот на дипломатијата за време на еднодневната официјална посета на Атина, беше примен од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, се сретна со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, со министерот за надворешни работи на Грција Никос Дендиас со кој потпишаа три меморандуми за разбирање: во областа на цивилната заштита, за дипломатската едукација и меморандум меѓу „Invest North Macedonia“ и „Enterprise Greece“, а оствари средби и со алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милтиадис Варвициотис.
Од МНР соопштија дека посетата беше успешна и „преку набиената и амбициозна Агенда, беа реафирмирани заложбите за интензивирање и продлабочување на блиската соработка и реафирмација на процесот на градење доверба меѓу двете земји како пример за добрососедски односи во регионот“.
Министре, прв пат сте во посета на Атина како шеф на дипломатијата. Голем број средби, полна агенда, кои се пораките што ги добивте од грчкиот државен врв?
-Точно е, драго ми е што почетокот на оваа година го одбележувам со мојата прва официјална посета на Атина и покрај тоа што во септември минатата година како нова Влада бевме на посета во рамките на конференцијата на „Економист“, меѓутоа сепак официјална посета од големо значење, бидејќи се случува во околности кога нашите билатерални односи бележат исклучително позитивен тренд и во политички и во економски и во секој друг поглед и беше задоволство да се направи пресек на овие одлични билатерални односи кои што сѐ повеќе се трансформираат во едно стратешко партнерство помеѓу двете држави. Изразивме задоволство за високиот политички дијалог кој што го имаме и покрај тоа што пандемијата ги ограничува тие можности, но сепак можеме да бидеме задоволни со таа комуникација, меѓутоа и со прашања кои се направени во овој период.
Чест ми беше да се видам и со претседателката на Република Грција и со министерот, меѓутоа и со премиерот и со министерот за европски прашања, и покрај тоа, да ги потпишани трите меморандума кои што значително ќе придонесат во конкретното материјализирање на тие политички односи во конкретни прашања што ќе бидат од значење за двете држави и за граѓаните од двете земји.
Но, тоа што е најважно е континуираната поддршка што ја добиваме од Република Грција, која што уште еднаш беше повторена и истакната и овој пат. Ние сме благодарни на принципиелната поддршка што ја имаше Грција во последните месеци додека се разговараше за усогласување на преговарачката рамка и за почетокот на преговорите и тука грчката позиција беше јасна дека Република Северна Македонија треба да ја одржи првата меѓувладина конференција и треба да се прифати рамката таква каква што е предложена од страна на Комисијата и тоа мислам дека е важно и очекуваме дека таа поддршка ќе продолжи и понатаму сега во оваа фаза кога работиме за да се усогласи рамката.
Понудија некаква конкретна иницијатива, помош, за да се тргне бугарското вето? Би можела Грција да помогне?
-Видете, се разбира за усогласување на рамката потребен е консензус на сите земји членки и оттука комуникацијата, разговорите со земјите членки за да се објасни нашата позиција се многу важни. Самиот министер рече дека Грција се гледа како фасилитатор, како олеснувач на европската перспектива на регионот и тоа е многу важно заради влијанието на Грција, искуството на Грција да ја има таа улога на олеснувач за регионот да влезе во Европската Унија, па и во тој контекст да се олесни патот на Република Северна Македонија, така да очекувам да имаме поддршка од Република Грција на овој пат.
Разговорите со Бугарија до каде се? Има нешто ново? Иако тоа не е темата овде во Грција, меѓутоа е актуелно прашање?
-Мислам дека во овој период акцентот ќе се стави на Акцискиот план, на соработката помеѓу секторите, помеѓу линиските министерства за да се подобри генерално соработката за да создаде амбиент, кој што за жал поради овие разлики во овој период делумно е нарушен и мислам дека ако ставиме фокус на тој Акциски план ќе создадеме предуслови за решавање на разликите кои што постојат во однос на преговарачката рамка.
Меѓу темите за кои разговаравте со Дендиас беше и прашањето со вакцините против Ковид-19, за што тој рече дека ќе вложи напор. Постои нешто конкретно?
-Разговаравме, јас го искажав мојот став дека е важно Западниот Балкан да не биде одвоен од Европската Унија во овој процес на вакцинација, бидејќи навистина Европската Унија покажа висок степен на одговорност во текот на справувањето со пандемијата, едноставно Западниот Балкан беше третиран како да е дел од Унијата и во делот на заедничките набавки и во делот на медицинската помош и во делот на експортот на медицински материјали и требаше и треба да се круниса таа конструктивна поставеност на Европската Унија кон Западен Балкан со заеднички почеток и на вакцинацијата. Така да сметам дека се уште има простор Западен Балкан да се вклучи во тој систем многу брзо, да нема никакво одвојување, бидејќи сепак Западниот Балкан е дел од Европа, еден ден ќе биде дел од Европската Унија и ќе треба од сега да се третира, посебно за прашање на здравствени предизвици како што е пандемијата.
Грција би одвоила еден дел од вакцините за нас? Имаше такви најави…
-Мислам дека волја има, се разбира секоја држава си има свои ограничувања, поради потребите на своите граѓани, а сепак мали се дозите што се на располагање, но состаноците продолжуваат и ќе видиме што ќе биде.
За време на средбите, разговаравте и за одржување на втората меѓувладина седница меѓу Северна Македонија и Грција во Атина.
-Двете страни изразивме подготвеност да се одржи вториот состанок на Високиот комитет, така да многу брзо очекуваме да се одржи.
Ќе зависи од пандемијата?
-Да да. Меѓутоа заклучокот беше што побргу толку подобро.