Османи објаснува: Амбасадорот Тодоровски направи редица прекршувања – и финансиски и дипломатски
Министерот наведува дека амбасадорот поднел барање за предвремено повлекување откако Владата веќе имала донесено таква одлука
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, попладнево ја дополни информацијата за повлекувањето на амбасадорот во Прага, Чешка – Сашко Тодоровски со наведување конкретни причини за таквата одлука одобрена од Владата. Според соопштението на МНР за прекршувањата во работата на Тодоровски била направена комисија во Министерството кој во извештајот изнела материјални докази и „прецизни констатации“. Во соопштението, во кое Тодоровски не се споменува со име, се вели дека повлекувањето на амбасадорот од Прага било долг процес.
„Во рамките на материјалното финансиско работење, при активностите за санирање на објектот на амбасадата, не се испочитувани внатрешните процедури и склучени се договори без согласност на Министерството; по тие договори подоцна исплатени се финансиски средства без материјално покритие за нив.
Без согласност од МНР амбасадорот ангажирал локален персонал и склучил договори за ангажман на локален персонал, што е спротивно на интерните акти на МНР, поточно член 9 и член 10 од Правилникот за ангажирање локален персонал и спроведување практична работа на студенти во дипломатски и конзуларни претставништва“, стои во соопштението на МНР.
Во него се наведува и контроверзната одлука на амбасадорот неговата сопруга, професорката Мирјана Најчевска, да биде претставувана како „аташе за наука“. Во реакцијата на МНР се вели:
„Без претходна соодветна одлука на Министерството ја претставувал сопругата за ‘аташе за наука’ на Република Северна Македонија, иако таа го немала добиено тоа дипломатско звање; прекршувајќи ги сите правила и надминувајќи ги ингеренциите кои ги има, ги довел во заблуда претставниците на научните и образовни институции во земјата на покривање“.
Една од посериозните забелешки е дека Тодоровски не бил на испраќањето на македонскиот премиер за време на неговата посета на Прага, што наводно оставило оставило непријатен впечаток на чешките дипломати. Иако не се наведува точно на која посета се мисли, најверојатно станува збор на лидерскиот состанок на Европската политичка заедница во октомври 2022 посветен на енергетиката и економијата, по нападот на Русија на Украина. Тоа беше голема конференција, Димитар Ковачевски беше на состанокот заедно со сите лидери на ЕУ, како и на земјите од Западен Балкан.
Во реакцијата на МНР се вели дека тој „ги прекрши правилата на добрата дипломатска практика и без да најави не присуствувал на испраќањето на претседателот на Владата сосе неговата придружна делегација за време на посетата на земјата на покривање, оставајќи непријатен впечаток пред дипломатските претставници на земјата – домаќин.
Во рамките на мандатот амбасадорот беше повикан на консултации во Скопје за да објасни дел од прекршувањата и направените неправилности, но иако ја напушти земјата на покривање, без дозвола ја напушти и земјава и подоцна пријави дека отишол на одмор, за што е потребна посебна дозвола“.
Комисијата формирана од МНР подготвила извештај за работата на амбасадорот Сашко Тодоровски, кој потоа бил усвоен од Владата, по што таа донела одлука за негово повлекување од Прага.
„По веќе донесената одлука на Владата, амбасадорот поднесе барање за предвремено повлекување“, стои во соопштението.
Претседателот Стево Пендаровски веќе има потпишано указ за повлекување на Сашко Тодоровски.
Денеска сопругата на Тодоровски, Мирјана Најчевска, гневно реагираше на овие настани, нарекувајќи го Бујар Османи „лакеј на Али Ахмети“ и дека отповикувањето е „хајка против мојот сопруг заради моите критички настапи како професор и експерт, и заради несогласувањето на мојот сопруг како амбасадор во Прага со начинот на функционирање на министерството кое Османи го приватизираше“.